Вечер.мк е дневно-информативен портал што пренесува политички, економски, културни, забавни, спортски и други содржини од земјата и од светот. Според сопствениот опис, порталот е основан во 2004 година и е едно од првите онлајн-информативни гласила во земјата, додека според податоците на „Марнет“ и интернет-архивата, сајтот е основан во октомври 2008 година.
Вечер.мк е дел од мрежа на компании и портали со испреплетени семејни, пријателски, но и политички врски, во која истите луѓе се сретнуваат на повеќе места во различни улоги.
Станува збор за поранешно официјално електронско издание на дневниот весник „Вечер“, чиј прв број е излезен во 1963 година. Весникот и порталот беа поврзани сѐ до 2017 година, кога главната уредничка Ивона Талевска си замина од печатеното издание, задржувајќи го домејнот заедно со фејсбук-страницата што тогаш броела 120 илјади следбеници, а денес речиси 150 илјади.
Оттогаш порталот и весникот функционираат одвоено, весникот има официјална страница со поинаква екстензија (вeчер.прес), а во Државниот завод за индустриска сопственост се води тивка „битка“ за поседување на брендот на вториот најстар весник во Македонија. Фирмата на познатиот поранешен уредник на ТВ Сител и едно време на весникот „Вечер“, Драган Павловиќ Латас, „Тотал медиа“ во 2015 го има регистрирано брендот - „Вечер прв дознава“, додека издавачот на весникот „Вечер“ го има брендот „Вечер“. Обидите за пререгистрација на брендот од двете страни досега не се прифатени.
Денес, домејнот Вечер.мк е регистриран на име на компанијата „Максмедиа ЛТД“, која е во сопственост на Јаков Павловиќ Латас, синот на основачот Драган Павловиќ Латас. Компанијата „Максмедиа“ е основана на 28 февруари 2011 година под името „Агромакс“, тогаш регистрирана за посредување во трговијата со земјоделски суровини, живи животни, текстилни суровини и полупроизводи. На 24 октомври 2013 година, „Агромакс“ станува „Максмедиа“, а од 8 март 2018, фирмата се пререгистрира во агенција за маркетинг.
Од својот почеток, таа е во сопственост на семејството Латас, а на управителското место се менувале Драган и неговиот брат Звездан Павловиќ, додека од 2021 година и сопствеништвото и управувањето го презема Јаков Павловиќ Латас.
Латас и Талевска се блиски соработници од времето кога заедно го предводеа уредничкиот тим на телевизијата Сител, кога таа телевизија добиваше најголеми делови од сумите за владино рекламирање што ги даваше поранешната влада на Македонија предводена од Никола Груевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ. Под нивното уредување, Сител беше еден од најгласните поддржувачи на Груевски и на неговата влада.
Според информациите што самиот портал ги објавува, Вечер.мк е дел од „групацијата Максмедиа“, во која влегуваат и агрегаторот за вести Вести.мк и интернет-порталот Весник.ком. Како уредник на Весник.ком во импресумот е запишан Александар Трајаноски.
Информацијата за групната поврзаност може да се најде и на овие две интернет-страници. Групацијата е наведена како издавач и на порталот 24vesti.com, кој што објавува вести на српски јазик, и каде што во импресумот стојат Латас и Талевска како главен уредник и заменик.
Порталот Вечер.мк има објавени основни податоци, како импресум, имејл-адреса за контакт, контакт-форма, податоци за рекламирање и линкови до неговите страници на три социјални мрежи - Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Според овие податоци, освен уредничката Ивона Талевска, редакцијата има уште тројца членови.
Во порталот нема пракса да се потпишуваат авторите на содржините што се објавуваат. Тоа важи и за агенциските вести и за пренесените соопштенија, но и за авторските текстови.