ТВ 21

Кабелска телевизија, дел од  регионална медиумска групација „21 Медија“, на Афердита и Еуген Сарачини.  

Работи од
2015
Правна форма
  • Компанија
ТВ 21
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

ТВ 21 е телевизија од општ информативен карактер, која својата програма ја емитува преку кабелските оператори во државава. Таа е сестринска телевизија на косовската медиумска групација „21 Медија“, која поседува вкупно седум телевизиски канали во Косово, пет веб-портали и радиостаница.

Оваа телевизија според гледаноста на македонските телевизии (просечниот неделен досег) е на  осмо место, но во категоријата на домашни телевизии што се пренесуваат преку сателит или преку кабел, таа е втора зад ТВ 24. Ова го покажува најновото истражување на Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги (АВМУ) за 2021 година.

Програмата е претежно на албански јазик, меѓутоа вестите и дебатната програма се емитуваат и на македонски јазик. Двојазичен е и порталот на оваа телевизија.

ТВ 21 почна да работи во Македонија симболично на 21 септември 2015, точно во 21 часот, а на промоцијата беше присутен тогашниот државен врв составен од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и собранискиот спикер, Трајко Вељаноски, и речиси целото тогашно раководство на Демократската унија за интеграција - ДУИ.

Информацијата дека поранешниот министер за економија од редовите на ДУИ (2011-2014), Ваљон Сарачини, е инволвиран во проектот наречен - ТВ 21 беше доволно да се поттикнат гласини оти телевизијата ќе биде медиумски поддржувач на оваа политичка опција.

Ваљон Сарачини, за БИРН, вели дека тој не е дел од структурите на ДУИ уште од август 2014 година.

„Веднаш по завршувањето на мандатот како министер за економија во Владата на РМ, престанав да извршувам каква било јавна функција“, вели Сарачини.

„ТВ 21 е присутна веќе шест години во Северна Македонија. Телевизијата, според сите релевантни извештаи (АВМУ, но и според извештаи на меѓународни институции), е оценета како неутрална, професионална и балансирана телевизија“, додава тој.

Тајмингот кога се појави телевизијата и профилот на луѓето што помагаа таа да стартува во Македонија ги поттикнаа шпекулациите за политичките линкови на оваа медиумска куќа во државава. ТВ 21 се појави при крајот на 2015 година, преземајќи го речиси идентичниот двојазичен формат што претходно со години успешно го работеше телевизијата Алсат-М.

Тогаш Алсат-М беше телевизија исклучително критична кон власта на ВМРО-ДПМНЕ и посебно на ДУИ, на чело со тогашниот главен уредник Мухамед Зекири. Тоа е периодот кога зовриваше политичката криза со објавувањето на нелегално прислушуваните телефонски разговори.

Основач на „21 Медија“ е Афердита Сарачини, како мнозински акционер, заедно со поранешниот новинар Еуген Сарачини, кој при промоцијата на ТВ 21 објасни дека станува збор за проект што се планирал пет-шест години пред да се реализира и дека во телевизијата се инвестирани околу 6,5 милиони евра.

Телевизијата во 2020 година, за кога има последни податоци, имала просечно 45 вработени.

Таа е сместена на прилично атрактивна локација во центарот на Скопје, во поранешните простории на киното „Вардар“, на познатото шеталиште, улицата Македонија. Салата каде што порано било киното се издава за настани, а составен дел од телевизијата е и кафуле што може сите да го посетуваат.

Косовската компанија што стои зад ТВ 21 поседува пет телевизиски канали во Косово, со различна програмска содржина, портал и радио.

Косовската радиостаница е всушност најстариот член на ова медиумско семејство, и тоа стартувало како 30-минутна емисија посветена на настаните во поранешната југословенска покраина за време на конфликтот во 1998 и во 1999 година.

Подоцна радиото прераснало и во телевизиски канал.