Телма

Национална телевизија на Акционерското друштво за промет со нафта и нафтени деривати АД Макпетрол, на чие чело е бизнисменот Андреја Јосифовски.

Работи од
1994
Правна форма
  • Компанија
Телма
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

Телма е една од првите телевизии во земјава. Почна да работи како телевизија уште при крајот на 1994 година, а зад неа како основач и сопственик стоеше скопјанката Соња Ангелова.

Во тој период главно емитуваше експериментална програма, која се содржеше од пренесување на италијанскиот приватен канал Италија уно.

Макпетрол АД, денешниот сопственик на телевизијата, во август 1996 година откупи 51 процент од телевизијата и ја преименува во Телма, или официјално во Телевизија Макпетрол.

Истовремено со други медиуми, во 1998 година првично доби концесија за емитување програма на територијата на Скопје, a подоцна во јуни 2004 година и дозвола за национално емитување. На самиот старт како директор на телевизијата доаѓа познатиот македонски карикатурист Дарко Марковиќ

При крајот на 1990-тите и во почетокот од следната декада, Телма се етаблира како телевизија - ексклузивен пренесувач на тогаш можеби најпопуларното фудбалско првенство во Европа и во светот - Италијанската прва лига (Калчо).

Денес медиумот работи според доделената дозвола за општ-забавен формат, а фокус му се информативните изданија и дебатните емисии.

Просечниот број вработени во 2020 година бил 100.

Телма е трета најгледана национална телевизија во земјава, според годишното истражување на Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги (АВМУ) за 2021 година. Од неа само Сител и Канал 5 имаат поголем просечен досег на неделно ниво.

За уделот на терестеријалните телевизиите во рекламниот колач најсвежи официјални податоци се оние од 2020 година.

Според нив Телма е на претпоследното петто место со 11 проценти, а помал удел од оваа телевизија има само Македонската радио-телевизија (МТВ) со еден процент. Во таа категорија прва е Сител со 41 процент, па Канал 5 со 21 отсто.

Стопроцентен сопственик на ТВ Телма е Акционерското друштво за промет со нафта и нафтени деривати „Макпетрол“. Според податоците од Централниот депозитар на хартии од вредност, ова акционерско друштво има над 2.400 акционери, од кои најголемиот дел се домашни физички лица.

Од нив, најмногу акции поседува Командитното друштво со акции за транспорт ОИЛКО Скопје, во кое, пак, сопственици на најголемиот дел од акциите се бизнисменот Андреја Јосифовски и „Макпетрол“, што ги прави сопственици на ТВ Телма.

Со оглед дека „Макпетрол“ е единствениот сопственик на телевизијата, во случаи кога тоа е потребно, Телма во јавноста ги застапува интересите на енергетската компанија.

Телевизијата долго време немаше осцилации и промени на раководниот тим и уредувачката политика. Нејзин долгогодишен директор и уредник беа писателот и публицист Ристо Лазаров и новинарката Емилија Лазаревска.

По пензионирањето на Лазаров во 2014 година, медиумот се ребрендира, а на челната позиција дојде Атанас Кировски. Во средината на 2021 Кировски замина од позицијата директор. Него го наследи долгогодишната уредничка Снежана Лупевска-Созен.

За Телма, во континуитет е карактеристично инсистирањето на ставот дека има професионална и неутрална уредувачка политика. За таа цел, во 2014 година телевизијата со маркетинг-агенција ја реализираше пиар-акцијата „црвен телефон“.

Акцијата беше дел од процесот на ребрендирање и новиот визуелен идентитет на медиумот го следеше и укинување одредени работни места, прераспределби и отпуштања преку технолошки вишоци, за што реагираа и новинарските организации.

Круцијална година за Телма беше 2015, во време кога државата ја тресеше политичката криза предизвикана од објавувањето на нелегално снимените телефонски разговори на владините функционери. Во тие моменти, Телма важеше за еден од ретките мејнстрим-медиуми што ги пренесуваа прес-конференциите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кога тој ги објавуваше разговорите.

Затоа како притисок врз основачот на Телма, „Макпетрол“, се доживеа кривичната пријава на Министерството за внатрешни работи (МВР) од август 2015 година, со која полицијата тврдеше дека првиот човек на акционерското друштво, Андреја Јосифовски, заедно со уште 20 лица, ја злоупотребиле положбата и во 2006 година незаконски прелеале капитал од „Макпетрол“ во „Оилко“, во висина од 6 милиони евра.

Неколку дена подоцна, судот ја повлече одлуката. По смената на власта во 2018 година, Јавното обвинителство ја отфрли кривичната на МВР против „Макпетрол“.

Во меѓувреме се случи неуспешен обид, офшор-фирма, зад која стоеше руски капитал, да го преземе „Макпетрол“.

Телевизијата е член на Македонската медиумска асоцијација, како и на Комитетот за мерење на публиката.