Телевизија 24

Кабелска телевизија, за која од самиот старт има дилема кој е вистинскиот сопственик. На хартија тоа е австриски бизнисмен Јирген Мајкснер преку две негови компании „ЈМ-Дата“, односно „Кејбл 24“.

Работи од
2010
Правна форма
  • Компанија
Телевизија 24
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

Формирана е во 2010 година под името телевизија 24 Вести и се емитува преку сателит. Најавен како македонскиот Си-ен-ен, медиумот првично е регистриран како специјализиран телевизиски формат, кој емитува вести на секој час. Во 2020 година, за кога има достапни информации, во телевизијата работеле просечно 97 вработени.

Седиштето на 24 Вести како правно лице е во Штип, а програмата се емитува од Скопје.

Историјата на медиумот почнува кога скопската телевизија Плеj побарала согласност од Советот за радиодифузија да ја промени сопственичката структура.

Во последните месеци од 2010 година, од истата фреквенција почнува да зрачи 24 Вести со нова сопственичка структура и под нов бренд. Тоа се случува непосредно по полицискиот упад во А1 телевизија и по отворањето на аферата „Пајажина“. Логично беше да се претпостави дека тогашниот нов медиум планира да го заземе местото во етерот на телевизијата на Велија Рамковски.

По конечното затворање на А1, во август 2011 година, група новинари што работеа во А1 телевизија, по згаснувањето продолжија да работат во 24 Вести, кои тогашните вработени го протолкуваа како обид за смена на уредувачката политика.

ТВ 24 е седма телевизија по гледаност во Македонија, но во категоријата на македонски телевизии што се пренесуваат преку сателит или преку кабел, таа е најгледаната. Ова го покажува најновото истражување на Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги (АВМУ), кое црпи податоци од 2021 година. Пред неа на оваа листа што го покажува просечниот неделен досег се сите пет приватни телевизии со национална концесија и првата програма на МТВ.

Во 2017 година, од 24 Вести, медиумот се ребрендира во Телевизија 24 и го смени форматот на програма во општ, наместо специјализиран, при што, покрај вестите, почнува да емитува и филмови, серии и други забавни содржини.

Низ годините, оваа телевизија постојано се обидуваше да добие дозвола за национален радиодифузер, но остана да зрачи сателитски.

Од самиот старт на телевизијата се провлекува дилемата кој е вистинскиот сопственик на 24-ка, иако таа тема ретко била отворана од медиумскиот еснаф, а уште помалку информациите допирале до пошироката публика, за која е доволен чаршискиот муабет.

Кој било редовен гледач на 24-ка и на нејзините контактни емисии ќе ви каже дека телевизијата е на Роби Телекабел, штипскиот бизнисмен Роберт Димитров, кој е сопственик на кабелскиот оператор „Телекабел“ во Македонија.

Ваквата ситуација на хартија би била проблематична зашто медиумскиот регулатор, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги би ја протолкувала како недозволена медиумска концентрација. Роберт Димитров не смее истовремено да биде сопственик на телевизија, која создава медиумска содржина, и на кабелски оператор, кој го пренесува сигналот на телевизиите до гледачите.

Официјалните документи пак, покажуваат нешто друго.

Стопроцентен сопственик на македонската 24-ка е извесен Австриец Јирген Мајкснер преку две негови компании. Мајкснер ја поседува австриската фирма „ЈМ-Дата“, а таа, пак, е основач на инвестициската компанија (Cable 24) „Кејбл 24“, регистрирана на адреса во деловна зграда лоцирана веднаш на брегот од реката Дунав во австрискиот град Линц.

Вторава фирма, што се наоѓа крај Дунав, во македонскиот бизнис-регистар се јавува како официјален сопственик на нашата 24-ка.

Меѓутоа, името на Роберт Димитров не е случајно во оваа „медиумска приказна“.

Телекабел на Димитров во 2008 година го промовираше Австриецот Јирген Мајкснер како партнер со кој ќе го рушат монополот на Телеком во фиксната телефонија. Партнерството го промовираше тогашниот директор на Телекабел, Зоран Илиев.

И во случајот со Телевизија 24, Илиев е мостот што го поврзува Димитров со Мајкснер.

Во февруари 2011 година, Илиев ја напуштил директорската позиција во „Телекабел“ и еден месец подоцна му станал полномошник на Австриецот, кој тогаш ја купувал скопската телевизија Плеј за од неа да се создаде 24-ка.

Австриецот Мајкснер, во нашата јавност воопшто се нема појавено, ниту, пак, дал некаква изјава во врска со телевизијата.

Телевизија 24, во јануари 2017 година му направи целочасовен профил на Роберт Димитров, во рамките на емисијата „Патот до успехот“. Таму тој говореше за сите свои бизнис-потфати од кабелската телевизија до градежништвото, меѓутоа ниту еднаш не ја спомна 24-ка.

Во една од ретките можности кога говорел за телевизијата, Димитров рече дека таа е на негов познаник и партнер и оти не е тајна дека неговата „Телекабел“ ѝ давала заеми на телевизијата.

„Многу сум среќен дека направивме бренд, пред сѐ, на кој граѓаните му веруваат“, вели Димитров во јануари 2018 година, во интервју за порталот „Мактел“, кое денес не може да се најде на овој сајт, но има извадок од разговорот во претставката поднесена до АВМУ.

Токму изјавата на Димитров беше повод, медиумскиот регулатор, Агенцијата за медиуми да покрене постапка и да утврди дали има недозволена концентрација изразена во заедничко сопствеништво меѓу кабелската телевизија на Роби и 24-ка.

„Кажува (Роберт Димитров н.з.) дека давале заеми и ако овие пари биле повеќе од 30 отсто од приходите на телевизијата на годишно ниво, тоа законот го третира како поврзаност“, објасни тогаш претседавачот на советот на Агенцијата, Лазо Петрушевски.

Агенцијата ја запрела оваа постапка, бидејќи, како што велат оттаму, Управата за јавни приходи им дала информација дека телевизијата го вратила заемот.

За улогата на Димитров како неформален сопственик на телевизијата, меѓу другото, сведочеа преговорите за спогодување меѓу менаџментот на телевизијата и избрканите новинари, како и новинарите и уредниците што работеа во 24 Вести.

На истата адреса во Штип, Ванчо Прќе, каде што е регистрирана кабелската телевизија Телекабел, се појавуваат и други фирми од областа на градежништвото и услуги. Таму се регистрирани и локалното радио Ејнџелс ФМ, како и сега неактивната фирма „Аилко“, која беше во 200-те најуспешни фирми во Македонија.

До 2015 година, Димитров го водеше и еден од најпознатите клубови и кафулиња во Штип, „Ејнџелс кафе“. Го затвори, како што тогаш објасни, зашто не можел да ги трпи притисоците.

Телевизија 24 има доследна уредувачка политика, која се карактеризира со  амбиција да оствари балансиран пристап во известувањето. 24 Вести тогаш, а сега ТВ 24, одигра клучна улога во информирањето на граѓаните за “црниот понеделник“, кога емитуваше целодневна програма во живо за инцидентите во и пред Собранието.

Телевизијата со години се надева да добие национална концесија, да се емитува на државно ниво, меѓутоа сите нејзини обиди до сега се неуспешни. Поради тоа медиумот има поднесено и две тужби до Управниот суд против АВМУ, првата е одбиена, а втората се процесуира. 

Во врска со сите овие наводи околу сопствеништвото на Телевизија 24, БИРН се обрати и до медиумот и до „Телекабел“, меѓутоа не добивме одговор на прашањата што ги поставивме.