Македонски дневен весник, чиј прв број излезе на 19 октомври 2013 година. Eден од покренувачите на весникот и прв главен уредник е новинарот Бранко Героски.
Весникот излегува и како веб-издание со посебна дигитална редакција, што е релативна реткост на македонскиот медиумски пејзаж, обично иста редакција „опслужува“ еден, па и повеќе портали.
Сопственик на „Слободен печат“ е Друштвото за издавање и маркетинг „Слободен печат ДОО“, чии сопственици се 50 проценти адвокатот Владимир Гаљак и 50 проценти фирмата „Печат МК“, каде што, пак, основачи се Мирослав Јовановиќ и Драган Живковиќ.
Јовановиќ и Живковиќ се јавуваат како сопственици и на уште две други фирми: за дистрибуција на филмска, видео и телевизиска програма „Спорт медиа ригxтс“ и „Дигитал адвертајзинг солушнс“, која е ликвидирана.
Иако весникот е релативно млад, од основањето често се менувале сопствениците и косопствениците. Основоположници на весникот се починатиот радионовинар Градимир Јовановиќ, татко на Мирослав Јовановиќ, и Владимир Кошевалиски.
Во октомври 2016 година, Кошевалиски излезе од сопственоста на медиумот. Во истиот ден, неговиот удел го купи српската компанија на Александар Родиќ „Адрија Медиа Груп“, која ги издаваше српскиот дневен весник „Курир“, истоимениот портал, како и повеќе други популарни печатени изданија, веб-портали и мобилни апликации.
Во тоа време, Родиќ е еден од првите што се сретна со Зоран Заев по неговото назначување за премиер. Тоа наиде на реакции во српската јавност, а ја коментираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој со Родиќ беше во јавна конфронтација.
Таа конфротација заврши така што во 2018 година, Родиќ ги продаде српскиот „Курир“ и другите медиуми на лице блиско до власта во Србија, и едно време го задржа само македонскиот весник „Слободен печат“. Во август 2020 година, Родиќ му го продаде својот дел од сопствеништвото на српскиот адвокат и негов пријател Владимир Гаљак.
Во меѓувреме, Градимир Јовановиќ се повлекува и му го отстапува уделот на синот Мирослав. Тогаш името на фирмата е „Адрија Медија Балкан“.
Две години претходно, поточно во 2018 година, од сопствеништвото на весникот излезе и „Адрија Медиа Груп“, а уделот од 50 проценти во весникот остана на српскиот медиумски магнат Александар Родиќ.
Кон средината на 2019 година, Мирослав Јовановиќ го отстапи својот удел на фирмата Печат.мк, каде што сопственици се тој и Драган Живковиќ.
„Слободен печат“ важи за професионален медиум, кој е наклонет кон владејачката партија СДСМ. Во таа смисла се толкуваше и информацијата за добиените средства од Фондот за иновации. Станува збор за грант од 10 милиони денари за набавка на печатарска машина и печатарска хала, но тие пари не биле воопшто искористени бидејќи според понудата на домашниот пазар на недвижности и опрема, фирмата не била во можност да ги „набави деловните простории и машини, предвидени со проектот“, велат од менаџментот за БИРН.
„Слободен печат“, два месеца по завршувањето на постапката за грант, го известил Фондот дека се откажува од користењето на грантот и одобрените средства.
Во 2019 од весникот заминува Бранко Героски, а на негово место како главен и одговорен уредник доаѓа неговиот дотогашен заменик Злате Лозановски.
Медиумот е член на Здружението на печатените медиуми и на Советот за етика во медиумите. Дел е и од професионалниот регистар на медиуми и членови на Асоцијацијата на печатени медиуми на Југоисточна Европа (МАСЕ), со седиште во Подгорица.
За субвенции за печатените медиуми како весник со најголем тираж добива и најголема сума - во 5 години вкупно 886 илјади евра. Тиражот на весникот е меѓу 7.000 и 10.000 илјади.
Од 2019 година, дел од „Слободен печат“ е и видеоплатформата Слободна ТВ. Има ист импресум со весникот, освен во уредничкиот дел. Емитува онлајн-програма на Јутјуб со вести, интервјуа и дебати. Медиа директор и главен и одговорен уредник е новинарот Сашо Орданоски. Во овој проект влегоа неколкумина новинари по затворањето на „1ТВ“.