Скопјеинфо е информативен портал што објавува разновидни содржини, со главен фокус на вести и информации поврзани со локалната самоуправа во градот Скопје и во неговите општини. Го следат речиси 200 илјади профили на социјалните мрежи.
Порталот има импресум и редакција, но речиси не објавува авторски содржини. Сите објави главно се преземени соопштенија, агенциски вести, објави на социјални мрежи или реобјавени содржини од други медиуми. Исклучок се интервјуата, кои се често промотивни, со менаџери на компании.
Издавач на порталот Скопјеинфо е компанијата ДМС Комуникации од Скопје. Таа е основана на 17 октомври 2011, а порталот е регистриран на 10 ноември истата година.
Основачи на ДМС Комуникации се Димитар Блажевски, Марјан Димовски и Стојче Стаменковски, непознати имиња во македонската медиумска сцена. Стојче Стаменковски подоцна станува претседател на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Од 2015 година, единствен сопственик и управител на ДМС Комуникации е скопјанецот Горан Трајковски, кој, исто така, не е познат во медиумскиот бизнис и е дел од ИТ индустријата. Димитар Блажевски е сѐ уште дел од тимот на Скопјеинфо.
Во 2017 година, ДМС Комуникации како издавач на порталите Скопјеинфо и Земи Здив склучил договор за отстапување медиумски простор со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, во вредност од 300 илјади денари. Потписник на договорот во име на РСБСП е поранешниот сосопственик на Скопјеинфо, Стојче Стаменковски.
Другиот портал во сопственост на компанијата, Земи Здив не е функционален. Според Блажевски, функционирал порано, но престанал. Постои и фејсбук-страница Земи Здив, која споделува содржини на Скопјеинфо.
Освен што издава информативни портали, фирмата ДМС Комуникација врши и истражувања, а на почетокот на 2022 година беше ангажирана од Агенцијата за млади и спорт да изврши истражвување на младинските трендови.