Ако може да се издвои една неутрална квалификација за телевизијата Сител, тоа би била констатацијата дека телевизијата на семејството на Љубисав Иванов-Ѕинго е меѓу најстарите приватни медиуми во државата што сè уште се активни.
Меѓутоа, Сител не е само тоа.
Низ 28-годишната историја, овој медиум минал низ различни премрежја, фази, кризи и подеми. За некого тоа беше и сè уште е омилената дестинација за дневна доза сапунски серии од турско или од латиноамериканско потекло, шанса за забава и за заработка преку квизовите на Лила Филиповска или арена, каде што може во етер да се каже првата политичка размисла рано наутро.
Особено на почетокот, телевизијата беше еден од медиумите со најголема сопствена продукција на емисии во живо.
За родените во 1980-тите и во 1990-тите, Сител беше местото од каде што „се голташе“ музичката емисија „Сител-бамбини“, еден од ретките продукциски проекти за деца осмислени и реализирани од приватна телевизија. На истата фреквенција, за првпат македонските спортски обожаватели имаа шанса да ги гледаат натпреварите од Првата шпанска фудбалска лига (Ла лига).
Денес, пак, некои во широк лак ја одбегнуваат телевизијата, присетувајќи се на нејзината улога на најголем и без задршка, би рекле, главен пропагандист (еден од многуте) на власта под експремиерот Никола Груевски.
Сител почна да зрачи од местото каде што е и денес, од деловниот простор под јужната трибина на Градскиот стадион во Скопје, во петок, на 22 јануари 1993 година, во истиот ден со А1. Оттогаш телевизијата емитуваше програма само на подрачјето на Скопје, а дури во 1998, повторно синхронизирано со А1, за првпат доби и национална концесија поставувајќи го ривалството со телевизијата на Велија Рамковски, кое дваесетина години подоцна ќе прерасне во отворена војна. Практично, Сител медиумски го поддржа згаснувањето на телевизијата А1, кое содржеше многу политички мотиви.
Сител во неколку клучни сегменти е водечка македонска телевизија. Таа e најгледана според последното истражување на Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги (АВМУ) oд 2021 година. Има најголем просечен дневен и неделен досег.
Сител е прва кога е во прашање и уделот што телевизиите го имаат во рекламниот колач и тоа го покажуваа последните официјалните податоци од 2020 година. Според нив Сител е на првото место.
Во телевизијата во текот на 2020 година вработени биле 149 лица.
Основач на Сител е Рударско-индустрискиот комбинат (РИК) Силекс, со кој раководел и чиј сопственик беше бизнисменот, долгогодишен пратеник, своевремено прв човек на македонската Фудбалска федерација (1993-1999) и претседател на Социјалистичката партија на Македонија, Љубисав Иванов - Ѕинго.
Од 2003 година, телевизијата ја презел неговиот син Горан Ивановски преку фирмата „Монтеко“ и тој е нејзин сопственик до денес.
Уредувачката политика на информативната редакција, онаа што го дооформува впечатокот за телевизиjата, ги следеше политичките меандрирања на нејзиниот прв сопственик и неговата улога во тогашниот Фудбалски сојуз на Македонија (ФСМ) (денес Фудбалска федерација).
Популарниот Ѕинго беше пратеник во првиот собраниски состав од 1991 и дел од власта на Бранко Црвенковски до 1998 година.
Тоа беа години во кои Ѕинго јавно ја поддржуваше политиката на српскиот претседател Слободан Милошевиќ. Од тогаш датира и средбата на Ѕинго со Милошевиќ придружуван од главниот уредник Драган Павловиќ - Латас. Пријателството и идеолошката блискост со Милошевиќ се проектираше во силни просрпски сентименти во уредувачката политика на Сител, кои особено дојдоа до израз за време на косовската криза и бомбардирањето на Србија.
Подоцна, неделникот „Фокус“ објави список на фирми што во 1990-тите го кршеле ембаргото кон Србија.
Истиот список, пет години подоцна го објавува „Дневник“, но без фирмата на Иванов, па „Фокус“ обвини дека некој намерно ја ретушира историјата. Во прилог на своите пишувања, „Фокус“ објави и факсимил од списоците на кој се гледа дека фирмата „Силекс“ во 1995 година се јавува како извозник на масло за подмачкување.
Контроверзии имаше и околу наводната вмешаност на уредникот Драган Павловиќ-Латас во нападот врз американската амбасада во Скопје, кога толпа се обиде да ја запали поради бомбардирањето на Србија во 1999 година.
Десет години по настанот, весникот „Време“ објави текст со кој го обвини Латас дека, не само што учествувал, туку и дека го организирал нападот врз дипломатското претставништво на САД, и тоа како соработник на српската амбасада. Тој во „Вечер“, весникот што паралелно го уредуваше, демантираше каква било врска со нападот, при што објави писмена информација од МВР дека имал чисто досие.
Латас, при крајот на деведесеттите години на минатиот век, ја уредуваше и ја водеше емисијата „Профил“ на Сител, во која доминираа неговите ставови.
По падот на Црвенковски, Ѕинго ја предводеше Социјалистичката партија како опозициска и телевизијата беше жесток критичар на Љубчо Георгиевски и на неговите министри. Нивниот судир ескалираше со упадот во телевизијата на Управата за јавни приходи (УЈП) предводена од тогашниот директор Сашко Станинов.
Во 2001 година, новинарката Ивона Талевска се наметна со нејзиното известување од кризните региони, а потоа и му стана заменичка на Драган Павловиќ-Латас. Овој двоец во следните години ќе работи како уреднички тандем, не само во Сител, туку и во весникот „Вечер“.
По смената на Љубчо Георгиевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Ѕинго ја згрижи неговата Социјалистичка партија во прегратките на Никола Груевски. Тие, во неколку изборни циклуси, имаа двајца или тројца пратеници и постојано номинираа министер за земјоделство.
Социјалистите, и по промената на власта и по смртта на Љубисав Иванов во ноември 2020 година, се дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во десетте години власт на Груевски, Сител стана синоним за пропаганден медиум.
Политичко-медиумската симбиоза на Сител и на владејачката ВМРО-ДПМНЕ посебно доаѓаше до израз во клучни моменти и процеси за општеството какви што беа грчкото вето за влез на Македонија во НАТО, антиквизацијата и проектот „Скопје 2014“, придушувањето на студентските протести за црквата на плоштадот, затворањето на А1 телевизија и на Љубе Бошкоски, убиството на Мартин Нешкоски, исфрлањето на пратениците на 24 декември 2012, собранискиот упад цели на 27 март и таканаречената Шарена револуција.
Со отворањето на трезорската смета се покажа дека за периодот од 2010 до 2017 година, Сител добила најмногу - 10,2 милиони евра буџетски пари.
И претходно можеше да се претпостави дека владата на Никола Груевски ја купуваше наклонетоста на Сител, сепак доказ дека парите биле клучен фактор за таа широкограда медиумска поддршка и големата блискост меѓу медиумот и тогашната власт понудија нелегалните прислушувани разговори, кои лидерот на СДСМ, денешен премиер, Зоран Заев ги објави во 2015 година.
Станува збор за пријателските разговори во прво лице множина меѓу тогашниот уредник на телевизијата Драган Павловиќ - Латас и тогашниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков. Во нив Мијалков, или нарачува содржина во вестите, бара да се смени тајмингот на дневникот, или негодува за начинот со кој се презентирани некои настани.
Во 2008 и во 2013 година, телевизијата имаше обид да го прошири програмскиот опсег со уште два канала - кабелската телевизија Сител 3 и Сител 2, која емитуваше програма во регионот на Кратово, Куманово и на Крива Паланка, меѓутоа денес тие не функционираат.
Под притисок на Европската Унија, медиумскиот регулатор во 2012 конечно почна да го спроведува законот што им забранува на политичарите и на нивните роднини да поседуваат медиум. Во тој процес, Сител беше притисната од дилемата дали Љубисав Иванов ќе се откаже од пратеничката функција или неговиот син ќе ја продаде телевизијата.
Тој се одлучи за првата опција, со што ѝ стави крај на 22-годишната кариера во Собранието.
Љубисав Иванов-Ѕинго важеше за еден од македонските стопанственици, кои својата бизнис-империја ја изградија врз темелите на општествената фирма со која раководеле во моментот кога Македонија стана независна држава.
За Ѕинго тоа беше рударско-индустрискиот комбинат „Силекс“.
Во трите децении независност, семејството Иванови го прошири и го зголеми својот бизнис.
Покрај телевизијата, управуваат со два хотела, еден во Охрид (хотелот „Силекс“) и еден во Кратово (хотелот „Кратис“), текстилна фабрика, транспортна и шпедитерска фирма, нивни се брендовите за минерална вода - „Ладна вода“ и „Добра вода“, а беа сопственици и на банка.
Семејството ја поседува и веледрогеријата „Хербал медика“.
Во Кратово го поседуваат единственото приватно комунално претпријатие во државава, „Силком“, а можеби и пошироко.
„Силекс“ е покровител на истоимениот фудбалскиот тим од Кратово, кој трипати беше прв во македонската Прва фудбалска лига, во перидот додека Љубисав Иванов-Ѕинго беше претседател на фудбалската федерација.
Иванови не ја напуштиле ни првичната дејност - рударството.
Фирмата „Силекс неметали“, која се занимава со ископ на руда, беше дел од судскиот случај Труст на СЈО. Нејзиниот директор Василие Авировиќ беше обвинет за доставување лажна документација при учество на тендер за ископ на јаглен во РЕК „Битола“, за што беше осуден на две години условна затворска казна.
Осудениот директор е син на поранешната пратеничка на Социјалистичката партија, Владанка Авировиќ.
Сител е член на Македонската медиумска асоцијација (ММА), во која членуваат петте национални телевизии, како и на Комитетот за мерење на публиката.