СДК.МК

Информативен портал на авторот на колумната „Сакам да кажам“ Горан Михајловски и неговите колеги од весникот „Вест“.

Работи од
2016
Правна форма
  • Граѓанска организација
  • Компанија
СДК.МК
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

Порталот „Сакам да кажам“ (СДК.МК) е проект, чие име е преземено од истоимената колумна на новинарот и уредник Горан Михајловски, инаку најдолготрајната колумна во историјата на македонското новинарство.

„Сакам да кажам“ е проект на Здружението за слободен развој на мислата со исто име како и на Друштвото за услуги СДК Михајловски ДООЕЛ Скопје, чиј стопроцентен сопственик е Горан Михајловски. Претставена е како „платформа за слободоумни“.

И здружението и фирмата се основани речиси во исто време, 2016 година, односно непосредно по прекинот на ангажманот на Михајловски во весникот „Вест“. Редакцијата на порталот се новинари што му беа колеги во весникот.

Во последниот број на „Вест“ за 2015 година, Михајловски се поздрави со читателите и искоментира дека сопствениците на компанијата „МПМ“, која го издаваше весникот, иако се едни од најуспешните бизнисмени во земјава и во регионот, не успеале „да го заштитат весникот од политичката криза“.

„За нецел месец по заминувањето од „Вест“, на 26 јануари 2016 се појави колумната „Сакам да кажам“ на интернет. Така се роди информативниот портал Сдк.мк. Првин само со колумната, која по традиција продолжи да се појавува секој петок навечер, а веќе по неколку месеци и со оригинални новинарски содржини на моите соработници“.

„Особено сум горд дека успеав да направам оригинален квалитетен медиумски продукт во кој е вклучена и мрежа на дописници, искусни професионалци без кои не може да се замисли“, вели сопственикот Михајловски.

Дејноста на фирмата „Михајловски ДООЕЛ“ е „издавање весници“. Здружението, пак, е регистрирано за „дејности на други организации врз база на зачленување, неспомнати на друго место“.

Во листата цели на здружението наведени се истражување, обука за проширување и надградување на просторот за јавно информирање и медиумска писменост, организирање обуки и едукација, креирање политики, настани и друго.

Порталот е препознатлив по авторските текстови од областа на правосудството, теми за Градот Скопје, третирањето родови прашања, културата... „СДК.МК“ е еден од ретките портали што има дописна мрежа од неколку градови од земјава, а објавува текстови и на албански јазик.

Фан-страницата на „СДК.МК“ на Фејсбук има околу 120 илјади следбеници, а содржините ги споделува и на Инстаграм и на Твитер. Во јуни 2020 е злопупотребено логото на порталот за ширење лажни вести во пресрет на референдумот за името. 

„СДК.МК“ е член на Советот за етика во медиумите и на професионалниот регистар на медиуми. Има импресум, а на веб-страницата се објавени документи и за политика на приватност, инклузија, Правилник за внатрешно пријавување и Кодекс на однесување.

Здружението „Сакам да кажам“ објавува содржини на уште еден портал „Смарт СДК.МК“, кој е субдомеин на СДК.МК на кој има содржини за млади, култура, информации за здравје, дигитални технологии. Страницата на „Смарт СДК.МК“, на Фејсбук има над 12 илјади следбеници.