Република.мк е информативен портал, чиј домејн првпат е регистриран на 4 септември 2008 година, а почнува со објавување содржини од 2013 година, кога излезе првиот број и на истоимениот неделник „Република“.
Порталот беше онлајн-издание на весникот, но уште од своите почетоци функционираше како дневно-информативен сервис и секојдневно објавуваше (на три јазика, албански, македонски и англиски) по неколку десетици новости и информации. Во август 2017 година престана да се печати неделникот и медиумот продолжи да работи само онлајн.
Неделникот „Република“ имаше и видеопродукција. На Јутјуб може да се најдат студиски интервјуа што ги водеше Наум Стоилковски, денес портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Денес Република.мк е дел од т.н. мрежа на „унгарски“ медиуми во Македонија. Станува збор за група веб-портали и други медиуми што своевремено важеа за гласноговорници на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски. Во нивната сопственичка структура, по промената на власта, влезе компанијата „Адинамик Медиа“, зад која стои унгарската државјанка Агнеш Адамик, блиска до партијата Фидес на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.
Историјата на медиумот води подалеку од Унгарија, преку Атлантски Океан. Директен сопственик на Република.мк и порано на неделникот „Република“ е компанијата „Прва Република“, основана на 7 август 2012 година, во целосна сопственост на компанијата „Иресине Лимитед“ регистрирана во средноамериканската држава Белизе, инаку познат даночен рај и офшор-дестинација, каде што се регистрираат фирми за да им се скрие сопственоста.
Офшор-компанијата се повлекува од сопствеништвото на медиумот на 16 јули 2016 и „Прва Република“ преминува во целосна сопственост на директорот Доне Доневски. Тоа трае до 16 април 2018, кога „Прва Република“ ќе стане првата медиумска компанија од земјава што ќе премине во доминантна сопственост на фирмата со унгарски капитал „Адинамик Медиа“.
За помалку од еден месец, таа фирма ги презеде и компаниите „Ем Медиа“, издавач на Курир.мк и на неколку други портали, како и „ЛД Пресс Медиа“, која го издава порталот „Нетпрес“. Доневски задржува помал дел од сопственоста на „Прва Република“. Трите компании беа вмешани во аферата со сомнителни реклами на унгарски производи во македонските медиуми.
Иако за првпат се најдоа формално под ист чадор, медиумите на сите три фирми имаа сродна уредувачка политика и претходно - фаворизирачка кон партијата ВМРО-ДПМНЕ и оцрнувачка кон нејзините противници, во прв ред партијата СДСМ. Промената на власта во јуни 2017 година не донесе никакви промени во уредувачката определба на „Република“ и на другите портали од оваа група.
Фирмата „Прва Република“ поседува уште еден портал, Пресингтв.мк.
Република.мк објавува по речиси 100 вести на ден според сопствениот бројач на интернет-страницата. Информациите се од сите области - политика, економија, спорт, занимливости, рецепти, совети за интимниот живот, но доминантни се политичките содржини и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за нив.
Една од карактеристичните рубрики на медиумот е „Двоглед“, во која под закрилата на сатирични вести се пласираат содржини што предизвикале дезинформирање и забуни кај јавноста. И Советот за етика во медиумите реагирал дека порталот недоволно јасно ги означува текстовите што треба да претставуваат сатира.