Прес 24 е еден од посетуваните информативни портали во Македонија, додека медиумот за себе тврди дека е најчитаниот, со меѓу милион и два милиони прегледи месечно. На Фејсбук има преку 260.000 следбеници, додека нешто повеќе од 1.100 твитерџии ги следат неговите објави.
Зад порталот од самиот почеток, од 2010 година стои фирмата „Њу медиа комуникејшн“, која е 100 отсто во сопственост на Славица Арсова - уредничка на информативната програма на телевизијата Сител.
Дел од редакцијата на Прес 24 е и сопругот на Арсова, Александар Спасовски, кој исто како неа работи и како новинар во Сител телевизија.
Иако во импресумот се поместени имињата на четворица новинари, сепак, на Прес 24, вистинска реткост е да се види авторски текст што е потпишан. Најголемиот дел од објавите се, всушност, дневни вести од политичкиот и општествениот живот во државава, пренесени соопштенија на институции, партии, невладини, фејсбук-објави или твитер-објави на политичари или на познати личности.
Порталот често и презема информации од другите медиуми.
Единствените оригинални содржини на Прес 24 се пишаните интервјуа што ги објавува сајтот во просек еднаш до двапати месечно, меѓутоа и тие текстови не се потпишани од автор. Сајтот со различна фреквенција, некогаш почесто, а некогаш поретко, објавува и колумни од надворешни автори или презема ставови од други медиуми.
Покрај вестите од политичкиот и општествениот живот, Прес 24 објавува и информации за бизнис-приликите во Македонија, вести од светот, забавни содржини и информации за спортот и за технологијата.
Прес 24 стартуваше мошне амбициозно на 1 ноември 2010 година. Најавен беше како независен веб-медиум, кој е поддржан и финансиран од Амбасадата на САД во Македонија.
„Прес 24 цели кон исполнување на највисоките стандарди на објективно, истражувачко, аналитичко новинарство, независност на медиумите“, пишуваше во првичната најава за сајтот.
Уредничката Славица Арсова, пак, бргу по стартот на сајтот, во видеообраќање го промовираше слоганот на медиумот „Вести од секој агол“.
„Не судиме и не ги критикуваме различните гледишта“, велеше Арсова во видеото.
Тешко може да се каже дека Прес 24 во својата работа ги следеше првично зададените идеали за објективно, истражувачко и за аналитичко новинарство.
Во годините што следеа, уредувачката политика на Прес 24 ја следеше работата на сопружниците Арсова и Спасовски во нивниот матичен медиум - Сител телевизија. Тие го внесоа Прес 24 во друштвото на медиуми, кои отворено ја поддржуваа работата на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од Никола Груевски и жестоко и притоа синхронизирано со медиумите, како Курир, Република и Нетпрес се пресметуваа со сите противници на тогашните властодршци.
Во тој период на сајтот можеа да се прочитаат наслови што содржеа квалификации, како хулиганите, вандалите и бандата на СДСМ и на Сорос. Во функција на пропагандата на тогашната власт, порталот ширеше паника од наводно преплавување на државава со бегалци, кое го планирала тогашната опозиција предводена од СДСМ.
Во периодот од 2015 до 2018 година, пред да се забрани рекламирање на државните институции и општините во приватни медиуми, Прес 24 добила вкупно нешто повеќе од 21.000 евра од државни институции или од општини. Само во 2015 година, фирмата што стои зад порталот, „Њу медија комуникејшн“, во пет наврати, добила вкупно 13.000 евра од Владата под контото Други оперативни расходи.
По падот на ВМРО-ДПМНЕ од власт во 2017 година, повторно, следејќи ја работата на брачната двојка Арсова-Спасовска во Сител, сајтот го „смири тонот“ во известувањето и денес главно се држи исклучиво до агенциски пристап во објавите.
Според расположливите податоци на сајтот на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), ова тело во 2016 донело одлука дека порталот го прекршил кодексот на новинарите.
Инаку, Прес 24 не е членка на СЕММ.