Нова ТВ

Информативен портал основан од новинари на А1ТВ, сега во сопственост на Џабир Дерала

Работи од
2013
Правна форма
  • Компанија
Нова ТВ
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

Нова ТВ е портал формиран од новинари на затворената ТВ А1, во 2021 година ја купи бизнисменот Владимир Стајиќ, а во 2022, сопственоста премина во рацете на главнот уредник на „Фронтлајн“ и „Цивил медиа“, Џабир Дерала.

Во јануари 2013 година новинарите Борјан Јовановски, Билјана Секуловска - Ива, Менче Атанасова - Точи и Сашка Цветковска  го отворија порталот Нова ТВ (novatv.mk). На почетокот само Јовановски и Секуловска беа сопственици на фирмата „Новавеб ТВ“, која официјално стои зад сајтот, а подоцна, во 2016 година како косопственици се впишаа и новинарките Сашка Цветковска и Менче Атанасова - Точи.

Нова ТВ се појави година и половина по институционалното затворањето на А1 телевизија, каде што работеа основачите на порталот како новинари или како уредници.

Тоа беше период кога во македонскиот медиумски простор доминираше пропагандата на владата водена од Никола Груевски и од ВМРО-ДПМНЕ. На најгледаните телевизии и во најчитаните весници недостасуваше гласот на опозицијата и на критичката јавност, а вестите се претворија во класична пропаганда алатка на тогашната власт.

Затоа порталот функционираше и беше доживуван како мал остров на медиумска слобода, а амбициозниот проект за отворање провладина телевизија со слично име „Нова“ во 2015 од страна на бизнисменот Сеад Кочан  беше протолкуван како обид да се намали влијанието и да се одземе публика од порталот што веќе беше препознатлив во јавноста. 

Нова ТВ беше еден од ретките медиуми на кои можеше да се изгледаат видео-интервјуа со тогашните први луѓе на опозицијата и со интелектуалци што припаѓаа на критичката јавноста. Порталот беше и еден од малкуте медиуми што известуваа од протестите на студентскиот пленум при крајот на 2014 и почетокот на 2015 година, протести што беа предвесник на политичките промени во државава.

Покрај дневните репортерски стории, Нова ТВ објавуваше и истражувачки текстови што откриваа корупција и злоупотреба на власта, коментари и колумни.

Минатата 2021 година беше пресвртна за Нова ТВ, зашто сајтот што беше познат по тоа дека е формиран и воден исклучиво од новинари, премина во рацете на познат стопанственик. Бизнисменот Владимир Стајиќ го презеде сопствеништвото на порталот.

Тој во декември 2021 е назначен за почесен конзул на Република Србија во Македонија, а во август 2022 година го продаде порталот на Џабир Дерала, сопственик на Шорткат продукција, главен уредник на Цивилмедиа и на Фронтлајн, портали што дел од јавноста ги доживува како провладини.