Нова Македонија

Најстар весникарски бренд во земјава. Основан  во 1944, приватизиран во 2003 година. Денес во сопственост на офшор компанија на Минчо Јорданов 

Работи од
1944
Правна форма
  • Компанија
Нова Македонија
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

Дневниот весник „Нова Македонија“ е најстариот македонски медиумски бренд. Основан е на 29 октомври 1944 година, во текот на Втората светска војна, во планинското село Горно Врановци, кое тогаш било административен центар на македонската слободна територија, пред последните офанзиви на Народно-ослободителната војска, во кои се ослободиле големите градови. Весникот и редакцијата одиграле историска улога во НОВ и во воспоставувањето на македонската држава во повоениот период.

Како печатен медиум, „Нова Македонија“, од основањето до приватизирањето во 2003 година, беше издавана од претпријатието во општествена сопственост „НИП Нова Македонија“, заедно со уште еден весник на македонски јазик („Вечер“), еден на албански јазик („Фљака“), еден на турски јазик („Бирлик“), како и повеќе периодични изданија од различен карактер („Спорт“, „Екран“, „Котелец“, „Остен“ и други).

Претпријатието „НИП Нова Македонија“ имаше 1.700 вработени, сопствена зграда на 14 ката во центарот на Скопје, своја печатница, дистрибутивна, продажна мрежа и друг имот низ целата држава.

Транзициските години (1990-2000) му пресудија на медиумскиот конгломерат, кој целосно се распадна.

Во 2003 година, брендот Нова Македонија е продаден на скопската фирма „Зоник компјутери“ и весникот продолжи да излегува подготвуван од мала редакција. Потешко го наоѓа своето место на пазарот, соочен со веќе развиената конкуренција во медиумскиот простор. Во 2006 година, владата предводена од Владо Бучковски безуспешно се обиде судски да го врати брендот во државна сопственост, но судот одлучи во корист на сопственикот Зоран Николов од „Зоник“.

На почетокот на 2008 година, фирмата „Зоник“, заедно со брендот „Нова Македонија“ беа продадени на компанија во сопственост на индустријалецот Минчо Јорданов, еден од најбогатите луѓе во Македонија, според листата на магазинот „Форбс“. Јорданов во своја сопственост или контрола има поголем број крупни бизниси во металургијата, градежништвото, монтажните конструкции, производството на храна и на вино итн. Јорданов има и политичка кариера.

Од 2004 до 2006 беше вицепремиер за економија во владата на СДСМ предводена од Владо Бучковски. Во 2013 година, заедно со Бучковски и со поранешниот новинар Љупчо Зиков ја формираа политичката партија Алијанса за позитивна Македонија, која учествуваше на парламентарните избори во 2014 и не освои ниту едно пратеничко место.

Издавач на весникот „Нова Македонија“ од 2008 до 2013 година е компанијата Ник Нова Принт, регистрирана во 2007 година. По 2013 го издава фирмата Репро Принт, која постои од 2006 година.

Двете компании Ник Нова Принт и Репро Принт се во сопственост на фирмата Репро Оне Лимитед Тортола од Британските Девствени Острови, позната офшор-дестинација. Според податоците од Службен весник, Репро Оне Лимитед е претставувана од Минчо Јорданов.

Оваа карипска компанија се јавува во сопственичката структура на поголем број фирми поврзувани со Јорданов, како „Перминдекс“, винаријата „Стоби“, весникот „Капитал“, а своевремено се споменувала и во сопственоста на фирмата „Факом“.

Јорданов со своите други компании учествува и добива државни тендери. Меѓу другото, ги доби договорите со најголеми суми за изградба на проектот „Скопје 2014“.

Сегашниот издавач на Нова Македонија, Репро Принт е регистриран на улицата 16 Македонска бригада бр. 18, а подружницата на фирмата каде што е сместена и работи редакцијата на весникот е на улицата Јуриј Гагарин бр. 15, во населбата Капиштец.

По преземањето од Јорданов, во весникот редовно се менуваа главните уредници по истекот на нивните двегодишни договори. Еден од нив, Зоран Димитровски отворено проговори за несогласувањата со сопствеништвото и обвини за мешање во уредувачката политика преку наметнување лични интереси.

Во периодот 2018-2022, „Нова Македонија“ добила над 433 илјада евра за субвенции за печатење и дистрибуција.

Веб-порталот на „Нова Македонија“ функционира како посебна редакција, но поврзана со печатеното издание. И весникот и порталот имаат уредно објавени импресуми со податоци за името на издавачот, адресата и контакт-телефон, името на директорот Ратко Лазарески, главниот и одговорен уредник Александар Димковски, како и имињата и контакт-податоците на други членови на редакцијата, управата и на маркетинг-службата.

Има линкови до профилите на медиумот на три социјални мрежи, Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб. Во медиумот има пракса да се потпишуваат авторските текстови, со имиња или со иницијали.

Иако е приватен и комерцијален медиум, во својата уредувачка политика „Нова Македонија“ и денес се повикува на своите историски корени и се нарекува весник-заштитник на македонските национални и државни интереси. Во таа смисла, преку своите текстови ги застапува конзервативните гледишта во врска со високополитичките теми што ја преокупираат македонската јавност во последните десетина години.

Иако не е отворен поддржувач на некоја политичка партија, медиумот не важи ниту за критички настроен кон власта на СДСМ или претходно на ВМРО-ДПМНЕ.

Во известувањето за економските теми, медиумот застапува ставови што се во интерес на сопственикот, како поддршка за металургијата и за градежништвото и флуктуирачки девизен курс.