Независен.мк

Независен.мк е портал кој остана по затворањето на истоимениот весник. Издавач е фирмата Мост два ДОО на новинарите Ерол Ризаов и Љупчо Поповски.

Работи од
2017
Правна форма
  • Компанија
Независен.мк
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

„Независен.мк“ е релативно млад портал во македонскиот онлајн медиумски пејзаж. На порталот му претходеше згаснувањето на весникот „Независен весник“, кој почна со работа непосредно по промената на власта, во ноември 2017 година. Но, како и други весници кај нас, немаше долг век.

„Независен весник“ почна да го издава Грчката независна балканска новинска агенција - ИБНА во Македонија како бесплатен весник, но тоа беше само на почетокот. Паралелно со тоа беше промовирана и веб-страницата на весникот.

Прва главна и одговорна уредничка, која застана на чело на весникот, беше долгогодишната новинарка на „Утрински весник“, Слободанка Јовановска. Новинарскиот тим го сочинуваше комбинација од искусни новинари, од кои повеќето работеа во медиумскиот гигант „Медиа Принт Македонија“, како и помлади новинари.

Директор на фирмата регистрирана во Македонија беше Никос Фрагопулос, долгогодишен дописник од Скопје на атинската новинска агенција АНА.

Уредувачката политика на весникот беше отсликана во слоганот: „Читај вистина, биди независен“!

Весникот не траеше долго и згасна во 2019 година по речиси две години постоење и над 500 испечатени броеви. Причината беше долг кон печатницата што го печатеше и неможноста за понатамошна одржливост. По згаснувањето, дел од екипата продолжи да работи во порталот што носи наслов „Независен.мк“.

Издавач на порталот „Независен.мк“ е фирмата „Мост два ДОО“, а сопственици се долгогодишните новинари Ерол Ризаов и Љупчо Поповски. Поповски е и главен и одговорен уредник на порталот.

Фирмата е регистрирана во февруари 2020 година за дејноста „издавање весници“.

„Независен весник“ не доби субвенции од државата за печатење, како што добиваа другите весници, затоа што не го исполнувал условот да постои три години по ред, што беше еден  од критериумите.

Во порталот, кој почна со работа во март 2020 година, работат петмина уредници. Фокусот на медиумот им се претежно теми од меѓународната и надворешна политика, а печат им се и колумните. 

Порталот има објавен импресум и контакт и е член на Регистарот на професионални медиуми и на Советот за етика  во медиумите.

„Независен.мк“ е ненаметливо присутен и на социјалните мрежи. Има над 15 илјади следбеници на фан-страницата на Фејсбук, а споделува објави и на Инстаграм и на Твитер.