Нетпрес

Информативен портал порано во сопствеништво на фирмата „Финзи“ на Коста Крпач. Денес е во сопственост на ЛД Пресс медиа“. 

Работи од
2007
Правна форма
  • Компанија
Нетпрес
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

„Нетпрес“ е информативен портал, кој објавува дневни информации поврзани со општествениот и политичкиот живот во земјава. Покрај новостите од Македонија, сајтот на дневна основа објавува вести од Балканот и од светот, спортот, но и магазински содржини. Има и неколку редовни колумнисти.

Главен уредник и основач е Дејан Николовски, кој претходно бил дел од редакциите на дневните весници што повеќе не излегуваат, „Дневник“ и „Време“. Краток период беше дел и од уредувачкиот тим на весникот „Вечер“.

Најголемиот дел од текстовите што ги објавува „Нетпрес“ се вести од соопштенија на партии, институции, невладини организации, преземени фејсбук-објави или вести од други медиуми. Порталот објавува и авторски содржини, меѓутоа најголемиот дел од текстовите не се потпишани, и покрај тоа што во импресумот се поместени имињата на тројца новинари.

Порталот ги потпишува само колумните.

Главниот уредник Дејан Николовски заедно со колегите Лидија Станчевска-Кумева и Никола Тасев го формирале „Нетпрес“ во јануари 2007 година. Тасев при крајот на 2011 излегол од сопствеништвото на порталот, поточно од фирмата-основач „Нет-прес ком“.

Овој интернет-медиум прв објави за убиството на Мартин Нешкоски, пренесувајќи сведоштво на очевидци. Полицаецот Игор Спасов го претепа до смрт Нешкоски на скопскиот плоштад при прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори на 5 јуни 2011 година.

Текстот беше повод преку социјалните мрежи уште истиот ден да се организираат протести против полициската бруталност.

Истата 2011 година, во сопствеништвото на порталот влегува релативно-анонимната компанија за трговија и услуги „Финзи“, која всушност стана сопственик на „Нет прес ком“.

Оттогаш до денес, уредувачката политика на порталот инклинира кон поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, без разлика дали партијата е на власт или во опозиција. Додека партијата беше на власт до 2017 година, „Нетпрес“ беше дел од медиумите што учествуваа во синхронизираната пропаганда против опозицијата и граѓанското општество што не се согласуваше со политиките на партијата и на нејзиниот тогашен лидер Никола Груевски.

Неврзано со медиумската дејност, тогашниот сопственик на „Нетпрес“, фирмата „Финзи“, во 2016 година, се најде во центарот на истрагата, а подоцна и обвинението на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наречено „Трезор“. СЈО тврди дека поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков ја искористил фирмата за да испумпа 860.000 евра од буџетот на Министерството за внатрешни работи преку набавката на опрема за поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање.

Додека траеше истрагата, директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во 2016 година се самоуби, а подоцна беше објавено дека тој бил сведок на обвинителството.

„Финзи“ преку „Нет прес ком“ беше сопственик на „Нетпрес“ сè до 2018.

Една година по промената на власта, порталот го презема друга фирма - „ЛД Пресс медиа“, во која, покрај Николовски и Станческа-Кумева, како сопственик се јавува и фирмата со унгарски капитал „Адинамик медиа“. Компанијата на сопственичката од Унгарија, Агнеш Адамик има удели и во порталите „Курир“ и „Република“.

БИРН истражуваше дека зад „Адинамик медиа“ стојат луѓе што се дел од пропагандната машинерија на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој му додели политички азил на поранешниот премиер и експретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.