Мкд.мк е дневно-информативен портал, кој објавува по неколку десетици содржини дневно. Ги покрива сите теми oд јавен интерес, како политика, економија, општество, здравство, образование, социјала, култура, забава, спорт и од домашната и од меѓународната сцена.
Порталот почнува со работа во 2012 година, регистриран е под дејноста „интернет-портали“. Најавен е како проект на група новинари, предводени од Александар Дамовски.
Дамовски е познат и искусен новинар на македонската медиумска сцена, кој одиграл важна улога во основањето на неколку значајни медиумски куќи од независноста до денес. Тој и неколку негови колеги беа основачи на „Дневник“ во 1996 година, еден од најуспешните печатени медиуми.
Како уредник, Дамовски се задржа во „Дневник“ до 2004 година, кога го основа весникот „Време“, а станува и основач и управител на фирмата издавач „Време Еч“. Поради неговата улога во овој медиум, кој беше во сопственост на бизнисменот Велија Рамковски, Дамовски во 2012 година беше условно осуден во случајот познат како „Пајажина“.
Дамовски сведочеше дека со весникот „Време“ управувал Велија Рамковски како мнозински сопственик, а вработените делумно примале плата во готово. Всушност, со неговиот исказ го потврди обвинението за случајот. Тој објасни дека во 2003 година, кога со Рамковски го договарале отворањето на „Време“, бил во дилема дали да учествува во неговото основање поради законската пречка сопственик на телевизија да биде сопственик на весник, по што добил ветување дека сопственик ќе биде турски бизнисмен.
Во 2008, Дамовски ја пресели речиси целата редакција на „Време“ во „Нова Македонија“, како дел од проектот за заживување на овој стар медиумски бренд поддржан од бизнисменот Минчо Јорданов. По две години, тој ја напушти „Нова Македонија“ и стана менаџер во „Медиа Принт Македонија“ (МПМ), издавачот на весниците „Вест“, „Утрински весник“ и на „Дневник“.
Во оваа компанија Дамовски работеше на развој на онлајн-информирањето.
Две години подоцна си замина и оттаму и го формира Мкд.мк, каде што е и денес.
Издавач на „Мкд.мк“ е фирмата „Портал њуз ДОО“, а сопственици: се Aлександар Ристов, Петар Пејовиќ и фоторепортерот Роберт Атанасовски.
Во првата екипа на порталот се: Емил Зафировски, Златко Крстевски, Александар Ристов, Роберт Атанасовски, Игор Крстевски, Никола Богојевски и Петар Пејовиќ.
„Мкд.мк“ има објавен импресум со името на фирмата-издавач и со имињата на десетте членови на редакцијата и на лицата задолжени за маркетинг и за социјални мрежи. Тој е еден од ретките комерцијални онлајн-медиуми што имаат сопствен фоторепортер и лектор. Присутен е на „Фејсбук“, каде што го следат над 120 илјади читатели, како и на Твитер.
Медиумот е член на Советот за етика во медиумите, како и на професионалниот регистар на медиуми.
Во дел од колумните и авторските текстови инклинира кон коконзервативните гледишта во врска со националните прашања што се рефлектираат во односите на земјава со соседите.