Лидер.мк е информативен портал регистриран на 28 февруари 2013 година, кој денес е во сопственост на приватна компанија управувана од уредникот на интернет-страницата Љупчо Златев. Од ноември 2020 година под овој бренд функционира и како радио со локална фреквенција од 107,4 ФМ.
Порано Лидер беше дел од групацијата Ем Медиа од Скопје, во делумна сопственост на унгарската државјанка Агнеш Адамик, која се поврзува со партијата Фидес на премиерот на Унгарија Виктор Орбан.
Љупчо Златев е поранешен новинар во телевизијата Сител, во времето кога таа беше главен пропаганден канал преку кој се воздигнуваше десничарската влада на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, а се оценуваа нејзините противници и неистомисленици. Уредникот Драган Павловиќ Латас беше предводник на тогашната редакција, во која Златев беше еден од најактивните членови.
Денес Златев е предводник на редакција од повеќемина новинари, чии имиња се наведени во импресумот, иако текстовите на самиот портал се објавуваат без потпишан автор. Лидер ги има објавено сите основни податоци за порталот, како и опис на компанијата-издавач Џенерал Хералдинг.
Лидер, заедно со сродните портали како Курир, Република, Нетпрес и други, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ објавуваа идентични текстови насочени против опозицијата и граѓанските организации поврзани со Фондацијата Отворено општество, или други организации што ја критикуваа тогашната влада. Дел од постарите текстови се избришани од архивата.
Порталот денес се уште има еднострана уредувачка политика фаворизирајќи го ВМРО-ДПМНЕ преку објавувањето содржини и изборот на колумнистите, а објавува тенденциозни и манипулативни содржини против актуелната влада, користејќи наслови што се иако технички точни, создаваат изнасилена слика за личностите и за настаните.
Освен што повремено објавува пренесени текстови против американскиот донатор Џорџ Сорос, за порталот Лидер не се карактеристични објави што се типични за крајно десничарските портали, како ширење паника од населување мигранти, напаѓачки текстови за ЛГБТ заедницата, антизападни или проруски објави, или теории на заговор.