Курир

Информативен портал на кој доминираат политички теми, блиски до ставовите на ВМРО ДПМНЕ. Во сопственост на „Адинамик Медиа“ на унгарската државјанка Агнеш Адамик.

Работи од
2010
Правна форма
  • Компанија
Курир
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили


Курир.мк е еден од најстарите дневно-информативни портали во земјава, основан на 2 септември 2010 година, и, според рангирањата, еден од најчитаните онлајн-медиуми, со над 200 илјади следбеници на социјалните мрежи.

Порталот објавува по неколку десетици нови информации дневно од различни категории, од политика и економија до спорт и занимливости, но на него доминираат политичките теми, пред сѐ ставовите и активностите на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Во јавноста, Курир.мк важи за портал познат по својата пристрасна уредувачка политика, со која се фаворизира ВМРО-ДПМНЕ, а се оцрнува СДСМ. Оттаму, од името на порталот е изведена придавка со исклучително негативна конотација, која означува пропагандистичко и пристрасно - „курирско“ новинарство.

Од своите почетоци до денес, порталот е конзистентен во овој пристап, без оглед кој од политичките субјекти се наоѓа на власт, а кој е во опозиција. Сличен однос како кон СДСМ, порталот има и кон други субјекти што јавно изразуваат несогласувања со политиките и со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, како новинари, невладини организации и други.

Според анализата на Дигиталната истражувачка форензичка лабораторија на Атлантскиот совет, што кај нас ја пренесе Вистиномер, содржините објавени на Курир, заедно со оние на Република, Денешен и Вистина, освен на нивните фејсбук-страници, се споделуваат и на т.н. „засилувачки фејсбук-групи“, кои навидум имаат други теми во фокусот, но, всушност, служат за поголем дофат на содржините на овие портали.

Врската меѓу партијата ВМРО-ДПМНЕ и порталот Курир не се сведува само на уредувачката политика.

Основач и сопственик на Курир.мк е компанијата „Ем Медиа“ основана на 16 ноември 2009 година, десет месеци пред неговото регистрирање. Сопственик и управител на компанијата во тоа време е Ацо Мисајловски, брат на високиот функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, кој од 2015 до 2017 беше министер за транспорт и врски во владата предводена од оваа партија, а во 2018 беше еден од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ.

Ацо Мисајловски, заедно со експремиерот Груевски и со уште седум други лица, е осомничен во случајот „Пропаганда“ на СЈО за одлеани 30 милиони евра од буџетот за купување приватни медиуми што ги поддржувале политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

Семејството Мисајловски, во 2015 година се повлече од сопствеништвото во Курир, а сопственик стана тогашниот уредник Саше Стојановски, кој беше сопственик и управител и на телевизијата Канал 1 од Велес, која веќе не постои.

Од 23 април 2018 година, порталот станува дел од мрежата од т.н. унгарски медиуми во земјата, така што во сопственичката структура влегува компанијата „Адинамик Медиа“, присутна во земјава од септември 2017. Таа е во сопственост на унгарската државјанка Агнеш Адамик, блиска соработничка на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Фидес.

Саше Стојановски сѐ уште има малцински пакет од сопственоста, а, исто така, е управител на фирмата.

Компанијата „Ем Медиа“ поседува поголем број портали, меѓу кои се Денешен.мк, Економски.мк, Вистина.мк и Здравство.мк. Сите тие имаат сопствени редакции и различни содржини. Своевремено и порталот Лидер.мк беше во сопственост на Ем Медиа, но подоцна беше откупен од новинарот Љупчо Златев. „Ем Медиа“ беше една од компаниите вклучена во аферата за сомнително финансирање од Унгарија, преку реклами за маслиново масло и за други производи.

Повеќето текстови што ги објавува порталот Курир.мк не се потпишани од автор, иако не станува збор само за агенциски вести, пренесени соопштенија и преводи, туку и содржини со вредносни квалификации за власта, институциите, партиите и други. За разлика од своите почетоци, на интернет-страницата сега има уредно објавен импресум.

Како главен уредник е наведен Предраг Кукиќ, а редакцијата брои осуммина новинари. Од податоците за контакт се објавени адресата, телефонот и електронската пошта. На порталот има и линкови до неговите профили на три социјални мрежи - Фејсбук, Јутјуб и Твитер.

Нагласено е дека сите тие се членови на Македонската асоцијација на новинари, организација предводена од дел од најголемите медиумски поддржувачи на поранешната власт на Никола Груевски. Таа ги оспоруваше наодите и ставовите на Здружението на новинарите на Македонија и на други медиумски организации, како и на меѓународните организации, во врска со деградирањето на медиумската сцена и медиумските слободи во земјава за време на таа власт.

Во изминативе две години, порталот Курир.мк осумпати бил прозиван од Советот за етика во медиумите поради прекршување на новинарскиот кодекс, со објавување неточни или непроверени информации, пристрасно и неизбалансирано известување за политичките процеси, непочитување на различностите, неправење разлика меѓу фактите и мислењата и необјавување деманти, како и поради плагијаторство.

Ниту еднаш не одговорил на жалбите.