Неделниот магазин „Капитал“ е весник со економска содржина. Првиот број на магазинот излезе во септември 1999 година, а го подготви редакција од осум луѓе „со само еден компјутер и без интернет“, како што вели основачот, Љупчо Зиков, опишувајќи го почетниот ентузијазам.
Издавач на медиумот е „Капитал Медиа Груп ДОО“. Основното мото му е „Само идејата е капитал, сѐ друго е пари“.
Од 2010 година до 2012 година, „Капитал“ излегуваше, и како магазин, и како дневен весник. Зиков во интервју вели дека дневниот весник го затвориле поради политички притисоци.
„...Во времето на владите на Никола Груевски, во еден период имавме жестоки притисоци, кои тешко се издржуваа, и како производ на тоа дури и го затворивме нашиот дневен весник „Капитал“, кој излегуваше две години (од март 2010, до јуни 2012)“.
Под истото име, медиумот од 2011 година објавува содржини и на порталот kapital.mk. Во 2013 година беше најавувана и идеја за основање телевизија, но не се реализира.
Медиумот е во сопственост на две физички и две правни лица, односно на новинарот Љупчо Зиков и Гордана Стојановска-Ицевска, а во сопствеништвото, во 2008 година влегуваат и Друштвото за производство, трговија и услуги „Камбурис и барба ДОО увоз-извоз“ од Скопје (во сопственост на Зиков и неговата сопруга) и офшор-фирмата „Репро Оне лимитед Тортола“, регистрирана на Британските Девствени Острови, која е и мнозински сопственик.
„Репро Оне Лимитед“ се јавува и како еден од сопствениците на дневниот весник „Нова Македонија“, на винаријата „Стоби“ од Градско, како и во уште неколку други друштва за производство и промет.
Иако станува збор за офшор-компанија, според објавата во Службен весник, за бизнисменот Минчо Јорданов како застапник на фирмата, практично јавна тајна е дека еден од најбогатите Македонци е нејзин краен сопственик. Оваа компанија ја има и во сопственичката структура на други фирми што се поврзуваат со името на Јорданов, сопственик и на градежната компанија „Бетон“, која го градеше проектот Скопје 2014, болницата „Ремедика“, фирмата за челични конструкции „Факом“ и други.
Зиков, пак, во 2013 година заедно со Владо Бучковски и бизнисменот и вицепремиер во неговата влада, Минчо Јорданов, го формираа здружението „Алијансата за позитивна Македонија“, која подоцна прерасна во партија и учествуваше во изборна коалиција со СДСМ.
Зиков и Бучковски ги предводеа пратеничките листи во првата и во втората изборна единица, но не освоија пратенички мандат. Јорданов не се кандидираше за пратеник, иако неговиот лик го имаше на рекламната кампања.
Во 2015 Зиков се повлече од претседателското место во партијата поради незадоволството од последните избори.
Основачот и главен уредник на „Капитал“, Љупчо Зиков работел во повеќе медиуми, бил директор на МТВ (2006) и извршен директор и главен уредник на телевизијата Алфа ТВ од 2007 до 2009 година.
Со смената на власта во 2017, Зиков доби покана да биде директор за финансии и комерција во МЕПСО, но поради негативните реакции на социјалните мрежи не ја прифати. Две години подоцна ја доби истата покана уште еднаш и ја прифати, па така, Зиков стана член на Управниот одбор на МЕПСО и директор за финансиски работи во дирекцијата. Истовремено објавува колумни, а чест гостин е и на дебатните ТВ емисии на кои учествува како аналитичар.
„Капитал“ се печати во 3.000 примероци и е дел од македонско-израелскиот бизнис-клуб при Стопанската интересна заедница, на Американско-македонската стопанска комора и на професионалниот регистар на медиуми. Од воведувањето во 2018 година, „Капитал“ ги користеше владините субвенции за печатени медиуми и доби вкупно 68 илјади евра.
Во септември 2011, „Капитал Медиа Груп“ го почна проектот „Капитал Академија“ за организирање деловни конференции, бизнис-форуми, обуки и работилници.
Досегашната пракса на „Капитал“ беше и годишно издание на 200 најголеми и најуспешни компании. Весникот, поради короната, кратко излегуваше само како онлајн-издание, но потоа пак се врати и во печатена форма.
„Друштво“ почна да му прави и додатокот „Менаџер“, во кое се пренесуваат интервјуа со бизнисмени, менаџери, директори и други ликови од економијата, осигурувањето, финансиите и бизнисот. Излегува eднаш месечно во состав на „Капитал“.