Канал 77

Прво приватно национално радио од информативен формат. Во сопственост на „ГБЦ Комуникации“ на Виктор Гаврилов, син на основачот Горан Гаврилов

Работи од
1991
Правна форма
  • Компанија
Канал 77
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

Радиото Канал 77 почна да зрачи во октомври 1991 година, како локален медиум во Штип, од семејната куќа на сопствениците, неполн месец по референдумот за осамостојувањето на државата.

„Морав да шверцувам опрема од Грција. Беше италијанска, која и денес е во функција. Со штипски и со скопски радиоаматери, опремата ја монтиравме во мојата семејна куќа во штипската населба Блок 77“, раскажа основачот Горан Гаврилов во интервју, навраќајќи се на почетоците на медиумот.

Гаврилов беше основач и претседател на првата Асоцијација на приватни електронски медиуми во Македонија (АПЕММ).

Во 1995 година, радиото се прошири регионално, а три години подоцна доби дозвола за национално емитување. Тоа е првото национално радио од информативен формат.

Радиото емитува претежно информативна и забавна програма од две студија во Штип и во Скопје, и е еден од медиумите што има дописничка мрежа од внатрешноста на земјава. Медиумот во изминатите години воведе мултимедијален пристап, односно можност за видеопренос од емисиите, преку проектот наречен „Радиовизија“.

Сопственик на радиото од 1998 година е Друштвото за трговија, услуги, маркетинг и информации ГБЦ Комуникации ДООЕЛ од Штип, кое, пак, е сопственик на ТРД Канал 77.

„ГБЦ Комуникации“ ДООЕЛ од Штип, пак, е во стопроцентна сопственост на Виктор Гаврилов од Штип, а управител, основач и човек со исклучително влијание врз радиото беше неговиот татко, сега покојниот Горан Гаврилов.

До 2012 година, сопственик на „ГБЦ Комуникации“ беше Горан Гаврилов, но бидејќи неговата сестра тогаш стана пратеничка во Собранието, Советот за радиодифузија му наложи на медиумот да направи промена на сопственоста, па сопственик стана Сашо Јованов од Штип.

Една година подоцна, Јованов е избришан од сопственоста, а сопственик стана Виктор Гаврилов.

Компанијата е основач и на Друштвото за маркетинг, информации и посредување „Македонски медиа сервис ДООЕЛ“ од Штип, кое е издавач на два портали со иста редакција: информативниот портал mms.mk и порталот Моја општина што ги следи активностите на општините.

Правното лице „ГБЦ Комуникации“ ги менувало дејностите при регистрацијата. Првично било регистрирано за огласување преку медиуми, па ја сменило дејноста во изнајмување и давање под закуп (лизинг) на останати машини, опрема и материјални добра, неспомнати на друго место.

Моментално е регистрирано под дејноста „ресторани и останати објекти за подготовка и послужување храна“.

Амбицијата на Гаврилов за телевизија не е тајна. Во 2018 година потврди дека има интерес да ја купи телевизија Нова, но тоа не се случи.

Од Радиото велат дека досега двапати биле одбивани од АМВУ за добивање дозвола за отворање телевизија. Според најавите на веб-страницата, „ГБЦ Комуникации“ подготвува документација за отворање сопствена телевизија на интернет (IPTV).

Во меѓувреме, компанијата со години пред управните судови ги оспоруваше одлуките на Агенцијата за медиуми за доделување дозволи за радио и телевизиско емитување.

Просечниот број вработени во радиото во 2020 година бил 15.