Канал 5 е една од петте национални телевизии.
Телевизијата емитува информативни содржини од сопствена продукција - вести, контактни и дебатни емисии, но и филмска и забавна програма. Канал 5, како впрочем и повеќето македонски електронски медиуми, емитува голем број таканаречени сапунски опери продуцирани од странство и синхронизирани на македонски јазик.
Бројот на вработени во последните години се движи околу 140 лица, во 2020 година биле 138.
Канал 5, на медиумската сцена, се појави како четврта национална приватна телевизија, по А1, Сител и по Телма (тогаш РТА).
Ја основал бизнисменот, економист, магистер по сметководство и финансии и по маркетинг, Борислав (Борис) Стојменов во политички бурната 1998 година, кога за првпат во независна Македонија се смени партијата на власт, абдицираше СДСМ на Бранко Црвенковски и на нејзино место дојде ВМРО-ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски.
Стојменов веќе беше политички активен како повеќегодишен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и близок соработник на Георгиевски.
Од денешна перспектива, официјално основач на Канал 5 е фирмата „БС печатница“, која била регистрирана како „графичко претпријатие за професионална рехабилитација и вработување инвалиди“ - форма на претпријатие што вработува луѓе со разни нивоа на инвалидитет и за нивниот ангажман плаќа помали давачки кон државата.
Канал 5 од 1998 до 2004 година работеше како локална телевизија во подрачјето на Скопје, додека во јули 2004 доби концесија за емитување програма на државно ниво.
Денес, телевизијата ја води постариот син на Борис, Емил Стојменов, кој е на чело на медиумот од 2005 година.
Во целиот период од 22 години, семејството Стојменови ја задржа контролата врз Канал 5, иако меѓу 2012 и 2015 година формално не беа нејзини сопственици. Тогаш фиктивно, за да се избегне законската одредба за забрана на сопствеништво врз медиум на политичари и нивни роднини, телевизијата му беше „продадена“ на долгогодишен вработен во една од фирмите на семејството Стојменови, Вања Гавриловски. Борис Стојменов тогаш беше пратеник.
Неговиот син Емил повторно ја презема телевизијата во септември 2017 година.
Приказната за Канал 5, всушност, не може да се раскаже одделно од приказната за бизнис и за политичката кариера на нејзиниот основач.
„Работата на Стојменов беше предмет на интерес на македонската јавност низ бројни економско-политички афери што се појавија во изминатите две децении, а некои од нив доживеаја и долги и компликувани судски процеси“, пишува за бизнис-империјата на Борис Стојменов, новинарот и публицист Сашо Ордановски, во неговата книга „Заробена демократија“.
Тој потсетува на неговата улога „во потфатите на бизнисменот Методија Смиленски и работата на гувернерот на Народна банка на Македонија, Љубе Трпевски“, но и на бројни стечајни постапки и процени за фирми и имоти врзани за дејствувањето на Стојменов „земјоделскиот комбинат „Анска Река“, фабриките „6-ти Ноември“ и „Пластика“, социјалистичкиот трговски гигант „Центро“, печатницата „11 Октомври“ итн.“
Пет месеци пред изборите во 1998 година, кои се одржаа во два круга од 18 октомври до 1 ноември 1998, Стојменов ја формирал Канал 5, и во тоа му помогнал новинарот и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.
Кус период Младенов имал и своја емисија што се емитувала на Канал 5, обично тој водел интервјуа со политичари, а околу него телевизијата собрала новинарска екипа од Македонската радио-телевизија предводена од Јадранка Костова и од уште неколку млади новинари. По изборите во 1998 година, како втор човек во ВМРО-ДПМНЕ, Стојменов стана министер за финансии во владата на Георгиевски, по што бргу потоа Младенов ја напуштил телевизијата.
Стојменов во Владата се задржа точно една година и министерското столче му го препушти на тогаш младиот министер за трговија, Никола Груевски.
Веќе во август 2000 година дојде до раскол меѓу него и раководството на партијата, по што Стојменов му се придружи на сопартиецот Борис Змејковски, кога овој ја формираше ВМРО - Вистинска македонска реформска опција (ВМРО), попозната како ВМРО-Вистинска.
Со овој потег почна привременото пасивизирање на Борис Стојменов од политиката, кое се запечати со уште еден политички раскол во новата партија.
Крилото на Змејковски се врати во ВМРО-ДПМНЕ, а тоа на Стојменов продолжи да функционира како ВМРО-Македонска. Оваа партија се приближи кон СДСМ на Бранко Црвенковски по нивното враќање на власт во 2002 година, но Стојменов не доби нова политичка функција.
Како што Стојменов ја замрзна политичката активност, така почна подемот на Канал 5. Телевизијата на медиумскиот простор се наметна откако ги презеде уредникот Ацо Кабранов и дел од новинарите на А1 телевизија.
Стана позната и по авторските емисии.
Во 2005 година формално се смени сопствеништвото на телевизијата, наместо Борис Стојменов и неговиот помлад син Марјан, газди на Канал 5 станаа неговиот постар син Емил и сопругата Надежда.
Следната 2006 година, Борис Стојменов покажа знаци на враќање во политиката.
Преговарал со СДСМ под водство на Владо Бучковски за коалицирање на изборите таа година, меѓутоа, според тогашните изјави на Стојменов, соработката не се официјализирала, иако во последен момент СДСМ го ставила на нејзината листа за пратеници.
Некоја година подоцна, во 2008 година, Борис Стојменов навистина ќе се врати во политиката, во старото партиско јато на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски, во присуство на Стојменов, во мај 2008 година ја најави колаборацијата на двете ВМРО-партии, неговата и во тој момент тотално неактивната ВМРО-Македонска. Стојменов доби пратеничко место, меѓутоа она што тогаш не се знаеше, а можеше да се претпостави, е дека во „дилот“ влегла и телевизијата.
ВМРО-ДПМНЕ, на изборите во јуни 2008 година, убедливо победи, и од таа временска точка почна трансформацијата на Канал 5.
Кадровската смена почна во јуни 2008 година. Од тогаш до 2017 година, Канал 5 беше дел од пропагандната машинерија на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од Никола Груевски. Преку вестите често водеше хајки против опозиционерите и граѓанските активисти во полза на тогашната власт, а синхронизирана со уште неколку други медиуми.
Доказ за политичко-медиумската симбиоза меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Канал 5 беше прислушуваниот телефонски разговор меѓу сопственикот на телевизијата, Емил Стојменов, и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.
Цената на пропагандата што ја спроведуваше Канал 5 се дозна по смената на власта, кога се отвори трезорската сметка. БИРН пресмета дека оваа телевизија, во периодот од 2010 до 2017 година, инкасирала 8,5 милиони евра од владата предводена од Никола Груевски.
По падот на Груевски, директорот Иван. С. Мирчевски се извини за пропагандната улога на телевизијата.
„Тогаш ми беа одземени ингеренциите. Сега ми се вратени ингеренциите. Јас се извинувам во името на медиумот. Во името на сите вработени, им се извинувам на сите што сме им нанеле неправда. Тоа е доблест “, рече Мирчевски во мај 2018 година.
По примерот на Сител и на А1, и Канал 5 во 2008 година отвори дополнителен канал што се пренесуваше исклучиво на кабелските телевизии. Канал 5 + никогаш целосно не заживеа.
Канал 5 е втора најгледана телевизија во Македонија, според истражувањето на Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги (АВМУ), за 2021 година. Од неа само Сител имаа поголем просечен досег на неделно ниво.
За уделот на терестеријалните телевизиите во рекламниот колач најсвежи официјални податоци се оние од 2019 година.
Според нив Канал 5 е исто така на второто место со 21 процент, зад Сител која има удел од 41 отсто.
Паралелно со развојот на телевизијата и со политичките флуктуации на Борис Стојменов, во последните две и пол децении растеше и бизнис-империјата на Стојменови, која не е директно поврзана со медиумската дејност.
Денес, тие, покрај Канал 5, ја управуваат прилепската печатница „11 Октомври“, која од осамостојувањето на државава ги изработува македонските банкноти. Сопственици се на хотел во Скопје, ТЦЦ Гранд Плаза, и во план им е изградба на хотел на атрактивна локација на местото каде што претходно беше познатата стоковна куќа „Скопјанка“.
Околу 900 квадратни метри градежно земјиште на оваа локација се во рацете на фирмата „Економско биро“, во сопственост на сопругата и на помладиот син на Борис Стојменов.
Нивна е и портокаловата трикатница во Злокуќани, покрај реката Вардар, каде што е сместена телевизијата Канал 5.
Стојменови ја продаваат и минералната вода „Давина“, а за изворот поседуваат концесија до 2044 година.