Инфомакс е дневно-информативен онлајн-медиум основан во 2013 година. Во јавноста е познат како изразено десноориентиран медиум, не само во врска со домашната политичка сцена, туку и со меѓународната. Тоа се гледа од несразмерно поголемата застапеност на активностите и на ставовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ, но и од фаворизирањето на ставовите на познатите европски и светски илиберални лидери, како рускиот претседател Владимир Путин, унгарскиот премиер Виктор Орбан, словенечкиот Јанез Јанша, италијанскиот политичар Матео Салвини и други.
Инфомакс често ги пренесува анализите на руската новинска агенција во државна сопственост Спутник, за прашања поврзани со Македонија, со регионалната и со меѓународната сцена.
Порталот често ги објавува и анализите на рускиот геополитички аналитичар Андреј Корибко, во кои тој порачува дека Западот работи против Македонија и таа треба да се ориентира кон Русија. Корибко е колумнист и на Спутник, каде што е претставен како експерт на Институтот за стратешки студии и предвидувања, специјализиран за темите „промена на режими, обоени револуции и неконвенционално војување“.
Од регистрирањето на 26 ноември 2013 до денес, издавач на порталот е фирмата „Центар за истражувања и анализи“, или скратено ЦИА дооел. Таа, пак, е основана три години претходно, на 29 декември 2010, како агенција за маркетинг. Нејзин единствен сопственик и управител досега бил Александар Митовски, денес новинар и главен уредник на Инфомакс.
Митовски во јавноста се појавува како новинар од 2017 година. Претходно, повремено учествувал во телевизиски емисии, како политички аналитичар од Центарот за истражување и анализи. Лично нема други бизниси и ангажмани. Неговото семејство ја има пекарницата „Ваташа“, која има ресторани на четири локации во Скопје.
Пред Митовски да истапи како главен во порталот, за прв човек на Инфомакс во јавноста се сметаше Наталија Ивчева, политичка активистка, која порано беше член на партијата Обединети за Македонија предводена од Љубе Бошкоски, а во 2012 година премина во ВМРО-ДПМНЕ. Ивчева тогаш објави дека ОМ престанува да постои и членството станува дел од ВМРО-ДПМНЕ, но таа информација подоцна беше демантирана од другите членови на ОМ, партија која постои и денес. Ивчева и Митовски се сопружници.
Инфомакс често се соочува со деманти за објавени неточни информации, со одлуки на Советот за етика во медиумите дека не прави разлика меѓу известување и коментирање (шест само во 2020), како и со тужби. Сопственикот и уредник Митовски, во март 2020 беше неправосилно осуден на условна казна од шест месеци затоа што објави записник од исказ во Јавното обвинителство во врска со случајот „Рекет“, документ што претставува службена тајна.
Долго време, порталот Инфомакс немаше објавено импресум. Потоа ги објави имињата на членовите на редакцијата, издавачот, адресата и други податоци. Но, по неодамнешниот редизајн на порталот, таму повторно не може да се најдат никакви податоци за него.
Податоците од базата на Отворени финансии покажуваат дека компанијата ЦИА, за шест години, од декември 2011 до септември 2017 година, добила над два милиони денари (речиси 33 илјади евра) од Општина Карпош, во време кога градоначалник е Стевчо Јакимовски.
Сопственикот Александар Митовски објаснува дека парите од Општина Карпош ги добиле така што регуларно се пријавиле на јавен оглас за рекламирање.
Во 2019 и во 2020 година, пак, компанијата заработила над 34.600 евра од изборни реклами, според податоците за трансферите од Државната изборна комисија. Нема приходи од други државни или јавни органи.