Фактор

Информативен портал со акцент на економија, финансии и бизнис. Основачи му се Крсте Шајноски и Александар Манев 

Работи од
2012
Правна форма
  • Компанија
Фактор
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

Стартува како портал за економија, финансии и бизнис во 2012 година, најавен како медиум, кој треба да ја пополни празнината во медиумскиот простор со информации од овие области. Продуцира вести, анализи и интервјуа и е еден од малкуте портали што редовно ги следи промените на македонската берза. Редовно објавува податоци и за осигурителниот бизнис и банкарството.

Со текот на годините се профилира во портал, кој објавува дневни информации од политиката, судството и од образованието. Колумни пишуваат академски професори и аналитичари. Најголемиот број од текстовите се потпишани со иницијали на редакцијата.

Издавач на медиумот е фирмата „Фактор Портал ДОО Скопје“. Основачи се Крсте Шајноски и Александар Манев. Шајноски е универзитетски професор на Штипскиот универзитет, претходно работел како новинар во повеќе медиуми, предавал и на Високата школа за односи со јавност и бил консултант на осигурителни друштва.

На предлог на владата, во 2019 година е избран за претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето. Во октомври 2020, Шајноски излезе од сопствеништвото на медиумот, а стопроцентен сопственик на порталот е Манев.

Неговата сопруга Катерина Јордановска-Манева е управител во медиумот.

Манев претходно бил директор на инвестициски фонд, претседател на групација на друштва за управување со инвестициски фондови и членува во Собранието на Стопанската комора. Тој е генерален директор на осигурителната компанија „Кроација осигурување“. Се јавува како сопственик во уште една фирма за играчки, „Маша и Медо Лама ДОО“ и во деловно-неактивната граѓанска организација „Иновациска лабораторија“, основана за стимулирање на иновациите.

Фирмата „Фактор Портал ДОО“, која е издавач на медиумот, ги издава и онлајн-порталите „Женски магазин“, „Машки магазин“ и „Хаштаг“, каде што Манев е директор.

Медиумот има седиште, кое е на иста адреса со фирмата „Фактор Медиа Груп ДОО“, која, пак, е основана во 2019 година, а е во сопственост на сопругите на Манев и Шајноски, Катерина и Светлана.

Фактор е член на ИАБ Македонија, организација за унапредување на дигиталниот маркетинг. Редакцијата е составена од десетина ангажирани лица, од кои петмина новинари.