Експрес е информативен портал што објавува по неколку десетици информации дневно од различни теми - политика, економија, забава, спорт и други.
Регистриран е на 10 мај 2017 година од Душан Митев, сопственик на маркетинг-агенции што во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски изработуваа реклами и јавни кампањи. Митев, како сопственик на агенцијата „Омега комјуникејшн“, меѓу 2008 и 2015 година со Генералниот секретаријат на Владата склучил договори во вредност од 2,8 милиони евра.
Со тоа неговата агенција стана втора најплатена фирма за овие услуги во времето на претходната власт, по Маркет Висион на Владимир Цветиновски, близок соработник на Груевски.
Митев е единствениот сопственик на агенцијата „Омега“, а заедно со Весна Лазевска-Цветиновска (која живее на иста адреса со Владимир Цветиновски) имаат уште една агенција, „МВисион“.
Уредувачката политика на порталот е десничарска, што најмногу се огледува преку известувањето за прашањата од домашната политичка сцена, како решавањето на македонско-грчкиот спор за името, македонско-бугарскиот договор, внатрешните односи меѓу Македонците и Албанците итн. За дел од овие теми се пренесуваат содржини за вмешаност на американскиот бизнисмен Џорџ Сорос, но од друга страна медиумот објавува и ставови на Сорос за светските политички случувања и за македонските прашања.
Наративот што го наметнува Експрес е дека македонските национални интереси се загрозени преку политиките на сегашната влада и на меѓународната заедница. Во тој контекст се пренесуваат и ставовите на европската десница, како унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Медиумот објавува и информации дека се подготвува населување мигранти во земјава, а ги пренесува и унгарските ставови против миграции во Европа.
Порталот пренесува напаѓачки содржини кон ЛГБТ заедницата и кон владините политики поврзани со ова сексуално малцинство.
Овие содржини често се споделуваат во десничарски форуми на социјалните мрежи.
Во своето известување, порталот повеќепати го прекршил Кодексот на новинарите преку врамување, тенденциозно известување, немање став од втората страна и други, за што има одлуки од Советот за етика во медиумите.