Денешен.мк е информативен портал што покрива широк спектар на теми, со главен фокус на политичките содржини. Регистриран е на 9 ноември 2010 година и прво почна да работи како онлајн-весник (дизајниран како весник што може да се прелистува на интернет слично како хартиените весници), но потоа беше редизајниран во класичен портал.
Тој е дел од мрежата информативни портали и медиуми во сопственост на компанијата Ем-Медиа од Скопје, основана во 2009 година од Ацо Мисајловски, брат на поранешниот министер за транспорт Владо Мисајловски за време на владата на ВМРО-ДПМНЕ, а денес потпретседател на партијата и носител на листата во втората изборна единица на парламентарните избори во јули 2020 година.
Компанијата и нејзините портали од 2018 година се во сопственост на фирмата Адинамик медиа, чија сопственичка, унгарската државјанка Агнеш Адамик, се смета за блиска до премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.
Порталот Денешен, заедно со Курир и други, во времето на власта на ВМРО-ДПМНЕ важеше за дел од мрежата портали што служат за т.н. амплификација (засилување) на содржините што одат во поддршка на оваа партија или со кои се напаѓаа нејзините неистомисленици, преку синхронизирано објавување слични или идентични содржини на повеќе портали.
Фактот дека „Денешен“ и формално е братски медиум со „Курир“, до 2018 година можеше само да се насетува.
До пред две години на сајтот немаше информации за тоа кој стои како издавач зад „Денешен“. Истражувањето Медијапедија, во 2014 година го тврдеше она што сега е очебијно - дека новинарите што работеле за овој портал добивале плата од фирмата „Ем - Медиа“.
Иако најголемиот број текстови не се потпишани, порталот има објавено импресум со имињата на членовите на редакцијата и на соработниците. Редакцијата ја водат новинари со долгогодишно искуство. Порталот има објавено и податоци за сопствеништвото. На социјалните мрежи го следат над 85 илјади луѓе.
Денешен.мк, и по промената на власта, ја задржа истата ориентација и е наклонет кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Иако поголемиот дел од објавите се агенциски вести без идеолошка обоеност, политичката определба се гледа од колумните и од различниот пристап кон политиките на сегашната и на поранешната власт (критички наспроти крајно фаворизирачки). Изразена е и десничарската ориентација, преку објави поврзани со мигрантите, ЛГБТ-популацијата и други, понекогаш базирани на сомнителни извори.
Порталот објавува голем број содржини поврзани со историјата, особено со националната историја. Дел од тие објави содржат ревизионистички елементи, како повици да се поништи Букурешкиот договор од 1913 година со кој завршила Првата балканска војна.