Алсат М

Телевизија со национална концесија која воведе двојазичност и емитува програма на албански и на македонски јазик. Во сопственост на „Ве Ве Груп“

Работи од
2004
Правна форма
  • Компанија
Алсат М
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

Алсат-М е телевизија со национална концесија во Македонија, која емитува програма на албански и на македонски јазик. Таа беше првиот двојазичен телевизиски проект во земјава и пример што подоцна го следеа и други телевизии.

Според сите достапни податоци, телевизијата Алсат М е во рацете на влијателно бизнис-семејство со силни врски, не само во земјата, туку и во регионот и со бизнис-релации со Европа и со САД.

Телевизијата во 2004 година ја основа бизнисменот Веби Велија, по потекло од гостиварското село Градец, кој претходно развил бизниси и во Албанија, Косово и во други земји. Најпозната негова компанија е „Ве Ве Груп“, во чија сопственост е и трговското радиодифузно друштво Алсат-М доо.

Во своите почетоци, Алсат-М беше македонско продолжение на регионалниот проект Алсат, што беше замислен како телевизија што ќе работи во три држави и ќе емитува програма преку сателит. Како сателитска телевизија, Алсат од Тирана уште во 2003 година емитуваше 24-часовна програма до десет милиони гледачи. Но, регионалниот проект не заживеа и Алсат-М остана да функционира како медиум во македонскиот етер.

По смртта на Веби Велија во 2009 година, компанијата „Ве Ве Груп“, а со тоа и телевизијата, ја наследува неговиот син Ферик Велија. Во 2017 година, тој ја предава сопственоста на „Ве Ве Груп“ на неговата мајка Имихане (88 отсто) и на сопругата Зана (12 отсто), а останува сопственик на 0,07 отсто од телевизијата. Таа состојба не е променета до денес.

Ферик Велија останува директор и на „Ве Ве Груп“ и на Алсат-М, и е клучен носител на одлуки во двете компании.

„Ве Ве Груп“ е компанија, која, според директорот Велија, почнала да работи во Хрватска во 1990 година, од 1996 е регистрирана во Албанија, а од 2004 и во Македонија. Таа обезбедува консултантски услуги во енергетскиот сектор, животната средина, владини проекти, медиуми и комуникации и друго, а во своето портфолио на клиенти ги споменува Светска банка, Европската Унија, три министерства од Македонија, по едно министерство од Албанија и од Косово, електродистрибутивната компанија ЕВН и други. Заедно со македонски, албански, австриски, американски и други компании и поединци, „Ве Ве Груп“ учествува во различни бизнис-проекти од енергетиката, туризмот, информатичката технологија итн.

Телевизијата има објавено контакт податоци на својата веб-страница, како и краток опис дека е национална телевизија што емитува програма на територијата на Северна Македонија, главно на албански, а повремено на македонски јазик, „засновано на европскиот концепт на информирање за јакнење на мултиетничкиот соживот“.

Повеќе информации има во описот на нејзината официјална фејсбук-страница (следена од над 450 илјади профили), каде што, меѓу другото, се вели дека Алсат М емитува програма од март 2006 година и дека е најсериозната инвестиција во медиумскиот простор во Македонија, во последните години.

Од 2015 година, главен уредник на телевизијата е Адмир Ќосе, а претходно на нејзино чело беше денешниот генерален секретар на Владата и поранешен потпретседател на владејачката партија СДСМ, Мухамед Зеќири.

Во времето на поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ, кога сѐ уште беше дозволено владиното рекламирање во комерцијалните медиуми, Алсат М има добиено околу 545 илјади евра за владини реклами за осум години (2010-2017). Тоа беше најмалиот дел од овој колач од 26 милиони евра, од кои 95 отсто поделија три од петте национални телевизии што беа силни поддржувачи на владејачките структури (Сител, Канал 5 и Алфа), а преостанатите пет отсто им припаднаа на Телма и на Алсат.

Алсат - М е шеста најгледана телевизија во Македонија, според годишниот извештај за 2021 на Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги (АВМУ). Од неа поголем просечен досег на неделно ниво имаат Сител, Канал 5, Телма, МТВ1 и Алфа.

За уделот на терестеријалните телевизиите во рекламниот колач најсвежи официјални податоци се оние од 2020 година. Според нив Алсат - М е на третото место со 15 проценти, зад Сител и зад Канал 5.