Алфа

Телевизија со национална концесија со сложена сопственичката структура во која мнозинскиот пакет акции ја има фирма во сопственост на Таргет Медиа на Унгарецот Питер Шац.

Работи од
1998
Правна форма
  • Компанија
Алфа
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

Алфа ТВ е телевизиски канал со седиште во Скопје, кој зрачи програма на национално ниво. Телевизијата има разновидна програмска шема, која комбинира вести, дебатни емисии, контактни програми, филмови и серии, документарни, забавни, спортски и други содржини.

Алфа ТВ е пример на канал со скромни локални почетоци, кој прерасна во телевизија со национална фреквенција и влезе во шеми на бизнис-преземања, драстични промени во политичкото влијание и сомневања за начинот на финансирање.

Почна во 1998 година како локален канал под името ТВ Скопје, со многу помали капацитети од денешните, а ја основаше бизнисменот Љупчо Палевски преку неговата компанија „УПА ентерпрајс“. Во истиот момент кога А1 и Сител ги добија националните концесии, во мај 1998, ТВ Скопје заедно Телма и уште неколку телевизии добија локални концесии.

Првата голема промена на овој канал се случи со неговото преземање од грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас во јануари 2001 година. Тоа се изведе преку неговата локална компанија „Алфа скоп“, па телевизијата го смени името во Алфа.

Телевизијата и во следниот период не доби национална концесија, па грчкиот инвеститор се откажа и, наместо силно најавуваната информативната програма, таа емитуваше само забавна програма. Следуваа години на стагнација и преземања од непознати кипарски и македонски инвеститори, сѐ до 2008 година, кога се случи втората голема промена во Алфа, кога во неа влегува бизнисменот Штерјо Наков. Неговата компанија „Фершпед“ станува доминантен сопственик на „Алфа скоп“, а како малцински акционери влегуваат и „Макошпед“, „Европа“ и „Технометал Вардар“.

Сите тие се поранешни општествени фирми, кои во 1990-тите, во периодот познат како транзиција, беа преструктурирани во акционерски друштва со доминантна сопственост на поранешните раководни структури. Оттука во јавноста се влечеше заклучокот дека телевизијата ќе биде блиска до тогашниот претседател на државава, Бранко Црвенковски, во чиј премиерски мандат се одвиваше општествената транзиција.

Дури тогаш Алфа ТВ почна со амбициозни промени, инвестираше во кадар и во техника, во обид да им конкурира на веќе етаблираните телевизии во земјава. Во однос на уредувачката политика, медиумот навистина се постави критички кон политиките на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и таа го доживуваше како „непријателски“.

Но, сигналот остана на ниво на Скопје, а во остатокот на земјата програмата се емитуваше преку сателит.

Периодот што следеше го карактеризираше политичкото влијание на ВМРО-ДПМНЕ врз целокупната медиумска сцена. Така што, на дневна основа се редеа приказните и шпекулациите дека „Фершпед“ и нејзиниот прв човек, Штерјо Наков, кој припадниците на ВМРО-ДПМНЕ го доживуваа како архинепријател, ќе биде принуден да ја отстапи телевизијата на друг сопственик.

Во тој контекст беа и медиумските написи дека сопственикот на српската „Пинк“ телевизија, Жељко Митровиќ, само што не ја презел Алфа ТВ. Излегоа и текстови, кои со информациите одеа до таму дека работата е готова, меѓутоа дилот се изјалови и Митровиќ ја презеде локалната К-15 телевизија, ја преименува во ТВ ПИНК, но таа не успеа да заживее.

Во ТВ Алфа, на 28 јуни 2012 настанува третата голема промена, кога мнозинскиот удел во неа (57 отсто) го презеде компанијата ЦХС Инвест Груп на српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ. На 23 мај 2013 година, Алфа ТВ конечно добива дозвола од Советот за радиодифузија (институцијата-претходник на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги) за емитување програма на национално ниво.

Следуваше драстична промена на уредувачката политика, во која Алфа ТВ стана отворен поддржувач на политиките на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Никола Груевски. Овој процес помина и со значителна промена во составот на редакцијата.

Под водство на новиот уредувачки тим, телевизијата прво прима нови новинари, а потоа ја отпушта старата екипа поради „превработеност“, метода која често се применува во медиумскиот бизнис во тој период. Истовремено, во медиумот влегуваат сè повеќе владини пари за реклами, кои достигнале вкупно шест милиони евра до средината на 2017 година, кога настана промена на власта и на чело дојде СДСМ.

Непосредно по изборите и формирањето на новата влада на Зоран Заев настанува и нова промена во сопствеништвото на Алфа ТВ, во кое уделот на Јевросимовиќ го презема унгарскиот државјанин Питер Шац (99 отсто) и српскиот Горан Балаќ (1 отсто). Шац е познат како основач на унгарскиот медиум Рипост, кој важи за поддржувач на владејачката партија во земјата Фидес и премиерот Виктор Орбан.

Тој поседува и медиуми во Словенија, кои се во поддршка на тамошниот премиер Јанез Јанша, идеолошки близок со Орбан. Шац се смета за еден од луѓето преку кој се шири и се извезува десната и либерална идеологија на унгарскиот лидер.

По промената на сопствеништвото, за Алфа ТВ, заедно со другите медиуми во кои има унгарски капитал во сопственичката структура, се отворија сомнежи околу начинот на финансирањето. Тие објавуваа реклами на мали унгарски фирми, чии производи, или не можеа да се купат во земјава, или беа достапни по неконкурентни цени. Сегашниот директор на телевизијата, Јани Бојаџи, информира дека овие договори се веќе истечени и на Алфа нема унгарски реклами.

Во април 2021 Јавното обвинителство поднесе обвинителен предлог против фирмата-сопственик на телевизијата, „Алфа скоп“, за даночно затајување од околу 100 илјади евра.

Денес Алфа ТВ има сложена сопственичка структура. Поточно, трговското радиодифузно друштво Алфа е во целосна сопственост на компанијата „Алфа скоп“, а во неа, пак, сопственички удели имаат АД „Европа“ (11 отсто), „Технометал Вардар“ (15 отсто), „Макошпед“ (17 отсто) и „ЦХС Инвест“ (57 отсто).

Фирмата со мнозинските пакет-акции, ЦХС, е во сопственост на Таргет Медиа на Питер Шац (99 отсто) и на Горан Балаќ (1 отсто).

Оваа телевизија е единствената од поранешната група пропагандни телевизии на владата на Груевски (во која спаѓаа и Сител и Канал 5), која по промената на власта (и сѐ уште) не ја смени уредувачката политика.

Во периодот од 2017 до 2021, кој беше мошне интензивен на политичко ниво, со три изборни циклуси, референдум и со решавање на големите прашања, како Преспанскиот договор со Грција за промена на името на државата во Северна Македонија, кои создаваа големи поделби во општеството, Алфа ТВ ги фаворизираше ставовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Алфа е петта најгледана телевизија во земјава, според годишниот извештај за 2021 на Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги (АВМУ). Од неа поголем просечен досег на неделно ниво имаат Сител, Канал 5, Телма и првата програма на МТВ.

За уделот на терестеријалните телевизиите во рекламниот колач најсвежи официјални податоци се оние од 2020 година.

Според нив Алфа е една од оние телевизии што имаат мал удел во рекламниот колач, со 12 отсто, од неа помал удел имаат само Телма и Македонската радио-телевизија (МТВ). Во таа категорија прва е Сител со 41 процент, па Канал 5 со 21 отсто.

Телевизијата е застапена на три социјални мрежи - Фејсбук, Твитер и Јутјуб, на кои ги објавува и вестите и дел од емисиите во сопствена продукција.