А1 он

Информативен портал. Дел од групацијата Клип Медиа. Објавува вести, соопштенија, извештаи и истражувачки стории

Работи од
2012
Правна форма
  • Компанија
А1 он
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

А1 он е информативен портал што објавува по повеќе од 100 вести дневно покривајќи различни теми од политиката, општеството, економијата, културата, забавата и спортот. Освен дневни вести, агенциски содржини и соопштенија, порталот објавува и авторски текстови и истражувачки стории.

Медиумот почна да работи во 2012 година, а го формираше група новинари што претходно работеа во згаснатата телевизија А1. На најстарите верзии од порталот зачувани на интернет-архивата стои дека тој претставува заживување на идејата А1 телевизија да биде повторно во етерот, овојпат во онлајн-просторот.

И првата адреса беше на улицата Перо Наков бр. 69, каде што се наоѓаше телевизијата, но според главниот уредник, Предраг Петровиќ, тоа било само формалност и тие никогаш не работеле на таа адреса.

Официјалните податоци покажуваат дека А1 он е регистриран на 28 март 2012 од фирмата „Онлајн Медија“, тогаш во сопственост на главниот уредник на медиумот, Петровиќ. Во 2017 година, во сопствеништвото на оваа фирма влегува и компанијата „Нова Медија“, а од почетокот на 2018, таа станува дел од групацијата „Клип Медиа“.

Петровиќ сè уште е управител на фирмата-издавач „Онлајн Медија“, а сопствеништвото го дели 50-50 со „Клип Медиа“, чии газди се познатиот бизнисмен од информатичката технологија Игор Лештар и неговиот бизнис-партнер Филип Спасов.

Игор Лештар, во македонската јавност беше познат како прв човек на компанијата „Сивус“, но во декември 2020, тој објави дека ја продава „Сивус“ на групацијата „Арикома“ од Чешка.

Тој, во медиумскиот бизнис е присутен уште од 2007 година, кога го презеде неделникот „Форум плус“ од Сашо Орданоски и од Ѓунер Исмаил, а подоцна во 2009 и првата приватна новинска агенција во Македонија, Макфакс од новинарот Ристо Поповски. „Форум плус“ го затвори во 2011.

Порталот А1 он има објавен импресум, во кој се наведени имињата на главниот уредник и на членовите на редакцијата - новинари, сниматели и монтажери. Името на фирмата-издавач не е објавено.

„Клип Медиа“ има свој веб-сајт, на кој се претставува како најголема медиумска групација во земјава, со седум медиуми, една новинска агенција, е-библиотека, агрегатор на вести и неколку мобилни апликации. Во посебен дел се објавени сите портали во сопственост на групацијата, каде што освен А1 он се и Макфакс, Репортер, Македоника, УСБ, Грид, Топ Спорт, М-Експрес, Додај Гас и други.

Дел од нив се специјализирани за одредени содржини (технологија, спорт, култура, автомобилизам).

Адресата на А1он е истата како онаа и на другите медиуми што се дел од „Клип Медиа“ групацијата, дел од новинарите што пишуваат за А1он, истовремено објавуваат текстови и за Макфакс.

Медиумот е присутен на четири социјални мрежи, на кои редовно ги ажурира своите страници на Фејсбук, Инстаграм, Твитер и на Јутјуб. Фејсбук-страницата ја следат над 120 илјади профили.

Освен агенциските вести и соопштенијата, сите други содржини во медиумот се потпишани од новинарите - од известувањата од дневните настани до авторските содржини и истражувачките стории.