Вечер

Еден од најстарите македонски весници. Приватизиран 2003, а од 2006 година брендот е во сопственост на семејството на Бојо Андрески.

Работи од
1963
Правна форма
  • Компанија
Вечер
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

„Вечер“ е еден од најстарите македонски весници, чиј прв број излегол на 11 ноември 1963 година. Основан е во рамките на новинско-издавачкото претпријатие „Нова Македонија“, главната издавачка куќа за печатени медиуми во социјалистичкиот период (до 1991 година).

Тој излегуваше во таблоиден формат за разлика од другиот весник на НИП-от, „Нова Македонија“, кој се печатеше на широки страници (broad sheet). Според уредувачката политика беше фокусиран на граѓански теми, наместо на високата политика карактеристична за „Нова Македонија“.

Името на весникот доаѓа од тоа што, за разлика од „Нова Македонија“, која на трафиките се појавуваше наутро, „Вечер“ излегуваше навечер.

Во транзициските 1990-ти години, весникот продолжи успешно да работи и достигнуваше тиражи од стотина илјади броја, понекогаш потпомогнат со купони за наградни игри и други маркетиншки стратегии. Појавата на првите приватни конкурентски весници, како „Дневник“ (1996), „Утрински весник“ (1999) и „Вест“ (2000, основан од поранешниот уредник на „Вечер“, Горан Михајловски) не го загрозија неговиот опстанок.

Сепак, состојбите во остатокот од НИП-от беа далеку од задоволителни, па по неуспешната продажба, Владата го стави претпријатието во стечај, а неговиот имот, вклучувајќи ги и медиумските брендови, беше понуден на продажба. Така, на 24 декември 2003 година, „Вечер“ првпат стана медиум во приватна сопственост, откако брендот го купи маркетинг-компанијата „Идеа плус“.

Компанијата најави амбициозни планови за весникот, го ребрендираше изданието, вложи во опрема, кадар и во простор, го зголеми бројот на страниците и направи маркетиншка стратегија. Плановите не се исполнија, па по само две години, весникот беше во долгови, на вработените им доцнеа платите, а тиражот значително се намали.

Тоа водеше до втората промена на сопствеништвото во февруари 2006 година, кога бизнисменот Бојо Андрески, сопственик на Европски универзитет, го купи весникот, а во јули истата година ја откупи и печатницата на „Нова Македонија“ од словенечката фирма „Цетис“, која ја имаше купено при продажбата на имотот на стариот НИП.

Андрески беше близок со партијата ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, која во истиот период дојде на власт во земјава. Со неговата Партија на правдата беше дел од коалицијата предводена од Груевски. По неговото преземање на весникот, следуваше период на приспособување на уредувачката политика кон интересите на владејачката партија, што беше извршено преку новодонесениот уредувачки двоец од Сител телевизија - Драган Павловиќ Латас, како главен уредник, и Ивона Талевска, како заменичка до 2012, а потоа како главна уредничка.

Двоецот паралелно ги раководеше и телевизијата и весникот во време кога и двата медиума целосно ја поддржуваа владата на Груевски и нејзините политики и остро ги напаѓаа нејзините противници и неистомисленици.

Овој период трае до средината на 2017, кога ВМРО-ДПМНЕ ја губи власта (на 1 јуни СДСМ ја презеде владата). Месец и пол дена подоцна, на 17 август, Ивона Талевска си замина од „Вечер“ и за нова главна уредничка е назначена Весна Миќиќ Божиновска, која е сѐ уште на таа позиција.

Тогаш настанува и раздвојувањето на весникот и на неговата интернет-страница Вечер.мк, бидејќи Талевска претходно го имала регистрирано домејнот на свое име и си замина со него и со фејсбук-страницата.

Весникот на интернет е присутен со страницата вечер.прес. Паралелно со тоа, сегашните и поранешните први луѓе на весникот водат борба во Државниот завод за индустриска сопственост за поседувањето на брендот, а  според информациите од управителот на весникот, за тоа „се води и судски спор“.

Денес, „Вечер Прес Дооел“, издавачката фирма на весникот, е во сопственост на Сашо Богдановски, брат на директорот Бобан Богдановски-Андрески, кој е зет на Бојо Андрески. При преземањето од „Идеа плус“ на 26 февруари 2006, сопственик на „Вечер“ стана целото семејство Андрески - Бојо и неговата сопруга Елица, ќерката Александра, ќерката Билјана и нејзиниот сопруг Бобан, кој станува управител.

На 16 мај 2008 е направена нова промена во сопствеништвото, кога фирмата ја презема Богдановски, а директорското место го задржува неговиот брат Богдановски-Андрески.

Сашо Богдановски е поврзан со Бојо Андрески и преку други две фирми, каде што тој е директор, а Андрески е директен или индиректен сопственик – „Евро Принт“ и „АБЦ Принт“.

Семејното управување со компаниите е карактеристично за Андрески и може да се види и во неговиот основен бизнис - Европски универзитет, како и по стоматолошката установа именувана по него - ПЗУ Универзитетски клинички центар проф. д-р Бојо Андрески.

Весникот „Вечер“ не е единствениот медиумски проект, во кој било вклучено семејството. Од 2008 година, Бојо Андрески го отвори АБ Канал, локална и сателитска телевизија, каде што директорка е ќерката Александра. Каналот престана да емитува програма во септември 2012 година, но фирмата е сѐ уште активна.

„Вечер“ има објавен импресум со името и адресата на фирмата-издавач, името на директорот и други членови на управата, имињата на уредниците на весникот, онлајн-редакцијата и на дескот. Четири телефонски броеви и две имејл-адреси се објавени за контакт, како и линкови до трите социјални мрежи на кои е присутен медиумот - Фејсбук, Инстаграм и Твитер.

Весникот има добиено субвенции од над 447 илјади евра за печатење и дистрибуција во периодот од 2018 до 2020 година.

Весникот пренесува информации и објавува авторски текстови на различни теми - политика, економија, здравство, образование, култура, спорт, забава и други. И во печатеното и во онлајн-изданието се потпишуваат авторските содржини.