Локално

Дневно-информативен портал,  во сопственост на „Нет Медиа Груп“, на бизнисменот Владимир Кошевалиски. 

Работи од
2011
Правна форма
  • Компанија
Локално
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

Локално.мк е дневно-информативен портал што објавува по стотина нови содржини дневно. На порталот се застапени информации од сите области - политички, економски, културни, спортски, забавни итн., и има посебни блокови за различни занимливости. Најголемиот број од овие информации се агенциски вести, соопштенија и други кратки содржини, а анализи се објавуваат за меѓународни теми.

Првпат регистриран на 24 ноември 2011 година, овој портал е покренат од здружението „Институт за мас медиуми, едукација и комуникации“, кое го формираше новинарот Драган Антоновски, заедно со неколкумина новинари и соработници. На почетокот, неговиот главен фокус беа информациите од локалните самоуправи и од регионите (оттаму и името), како и интервјуа со градоначалниците на општините.

Една година по основањето, Локално.мк ја менува уредувачката политика и станува дневно-информативен портал, на кој се објавуваат ударните вести од земјата и од светот, наместо информациите од локален карактер. Од август 2019 година, Локално.мк работи како комерцијален медиум во сопственост на фирмата „Нет Медиа Груп“.

Компанијата „Нет Медиа Груп“, која го презеде сопствеништвото над Локално.мк, е во сопственост на Владимир Кошевалиски, бизнисмен од областа на маркетингот и истражувањето на пазарот. Оваа негова компанија е основана на 29 јули 2019 и тој е единствен сопственик и управител. Вклучен е уште во две фирми од областа на маркетингот и комуникациите, во едната како целосен сопственик, а во другата како партнер.

Не е новајлија во медиумскиот бизнис. Од 12 септември 2013 година до 31 октомври 2016 година беше косопственик и управител на „Слободен печат ДОО“, компанијата што го издава истоимениот дневен весник. На своите профили на социјалните мрежи наведува дека меѓу 2016 и 2018, до основањето на ДНА Комуникации, бил директор на Адриа Медиа Балкан, компанијата што од него го презеде „Слободен печат“. Во тоа својство е и соосновач на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми, заедно со Лирим Дулови, Билјана Младенова, Ратко Лазарески и Љупчо Зиков.

На јавноста ѝ е познат и како сопруг на Ивана Хаџиевска, поранешна ТВ водителка, која подолго време беше во кругот на блиски соработници на претходниот премиер Зоран Заев, уште додека тој беше шеф на опозицијата. Во Владата, Хаџиевска прво беше задолжена за протоколот на Заев, а потоа стана негова советничка за меѓународни односи.

Освен Локално.мк, „Нет Медиа Груп“ поседува уште два портала. Едниот е Стандард.мк, првпат регистриран на 10 септември 2015 година, а преземен од компанијата на 25 септември 2019 година. Тој содржински е сличен на Локално, а, според податоците од импресумите, содржините ги подготвува истата редакција на чело со уредникот Владимир Зорба. Авторските текстови на порталите се потпишуваат со иницијали. Третиот портал е Бизнисинфо.мк, регистриран на 9 август 2010 година, специјализиран за економски вести.

И братот на Влатко Кошевалиски, Виктор, е во бизнисот со специјализирани информативни портали преку фирмата „Амптеам“, основана во 2006 година. Таа ги регистрирала порталите Автоплус (avtoplus.mk) и Машки магазин (mmagazin.mk).

Локално.мк има објавено импресум со името на фирмата-издавач, директорот Кошевалиски, главниот уредник Владимир Зорба и редакција со четворица новинари и еден соработник. Како контакт-податоци се објавени адресата на компанијата и три адреси на електронска пошта. Има и фејсбук-страница со околу 35 илјади следбеници.