Коха

Весник на албански јазик, основан од двајца новинари Лирим Дулови и Арбен Раткоцери. Се печати без прекин од 2006 година. 

Работи од
2008
Правна форма
  • Компанија
Коха
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

„Коха“ е единствениот дневен весник на албански јазик што излегува без прекини. Весникот го основале двајцата новинари Лирим Дулови и Арбен Раткоцери во 2006 година.

Овој медиум не треба да се доведува во врска со косовски печатен медиум „Коха диторе“ основан од новинарот и политичар од Косово, Ветон Сурои, чие македонско издание излегуваше кратко неколку месеци во 2004 година.

На албански името на весникот „Коха“ всушност значи „Време“. Весникот, одреден период, беше дел од медиумската групација поврзана со бизнисменот Велија Рамковски, како телевизиите А1 и А2, македонското „Време“ и „Шпиц“.

Соработката меѓу Рамковски и двоецот Дулови и Раткоцери престана во 2010 година, а основачите на „Коха“ објаснуваа дека курцшлусот се случил зашто бизнисменот сакал целосно да го преземе весникот и се мешал во уредувачката политика.

Иако никогаш немале потпишан договор за партнерство, сепак усно основачите на „Коха“ имале џентлменски договор со Рамковски дека приходите ќе ги делат на половина.

По разделувањето, Велија Рамковски формираше нов весник на албански јазик наречен „Коха е ре“, што практично значеше нова „Коха“ и затоа основачите Дулови и Раткоцери водеа и ја добија правната битка околу името. Затоа до згаснувањето на медиумската империја на Рамковски со случајот „Пајажина“, тој го издаваше весникот под името „**** е ре“.

Во четирите години под капата на Рамковски, од „Коха“ произлезе и политичкиот магазин на албански „Арена“, меѓутоа тој бргу згасна по разделбата со бизнисменот.

Лирим Дулови, во тој период, работеше и како новинар и уредник во А2 и во А1 телевизија и поради тоа подоцна сведочеше против Велија Рамковски во судскиот случај „Пајажина“, признавајќи дека новинарите во тие медиуми, дел од платата добивале на рака.

Дулови ѝ е познат на јавноста и по собранискиот инцидент, во кој беше вклучен во 2007 година, кога Беким Асани од ДУИ, како член на обезбедување на некои партиски функционер, му удрил шлаканица.

Фирмата што денес го издава весникот е основана во 2008 година од двајцата новинари и тие се нејзини сопственици.

Сепак, во периодот од септември 2014 до март 2017 година, во сопствеништвото на „Коха продуцтион“ била присутна и тетовската компанија „Алтецх-груп“. Еден од сопствениците на „Алтецх-груп“ во тој период бил тетовецот Фатон Ахмети.

Весникот „Коха“, преку нејзиниот основач Лирим Дулови, е дел од иницијативата на печатените медиуми преку Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми што издејствуваа државни субвенции што покриваат дел од трошоците за печатење и дистрибуција на весниците.

Весникот од 2018 до 2021 доби приближно 275.000 евра на име на поддршка за печатење и дистрибуција.

Со оглед дека законот предвидува огласите на сите државни институции, општините и на јавните институции да се објавуваат во два весника, едниот на македонски - а другиот на албански јазик, голем дел од институциите на ова поле соработуваат со „Коха“, со оглед дека тој е единствениот дневен весник што постојано излегува на територијата на Македонија.