Фокус

Најстар активен неделник во Македонија. Основач му е трагично загинатиот новинар Никола Младенов. Денес во сопственост на  сестрата на Младенов и на уредничката Јадранка Костова

Работи од
1995
Правна форма
  • Компанија
Фокус
Достапни податоци
  • Адреса
  • Телефон
  • Е-пошта
  • Импресум
  • Сопствеништво
  • Социјални профили

Фокус е најстариот активен неделник во Македонија, кој објавува новинарски текстови со политички и со општествени теми. Првиот број на неделникот излезе на 23 јуни 1995 година, а негов основач е новинарот Никола Младенов.

Заедно со весникот Дневник и А1 телевизија, Фокус е меѓу првите приватни медиуми во независна Македонија преку кои се промовираше плурализмот како нова општествена вредност. Младенов, во неделникот, ги продолжи заложбите за нови и демократски процеси, кои ги промовираше во весникот Млад борец, како главен уредник при крајот на осумдесеттите години на дваесеттиот век.

Фокус е познат по своите провокативни насловни страници, кои често се илустрирани со компјутерски фотомонтажи што ја „пецкаат“ јавноста. Магазинот често пишува за корупциски скандали и криминал, политички интриги и за дворски игри во властите, но и аналитички ја следи политичката сцена во Македонија. Низ неговата редакција поминале десетици познати новинарски имиња, но и јавни личности, кои својот белег го оставиле преку колумните.

Заштитен знак на неделникот е и стрипот поместен на последните страници од неделникот, кој сатирично обработува теми од политичкиот и од општествениот живот - форма што е исклучително ретка во македонската медиумска сфера. За читателите, препознатлив беше и коментарот на Младенов, кој излегуваше во секој број од неделникот на втората страница од весникот.

Поради природата на текстовите што ги објавувал, секогаш таргетирајќи ги моќниците на власт и нивните врски со бизнис-елитите и олигарсите, како и злоупотребите на тајните служби, Фокус често бил во клинч со политичкиот и со партискиот естаблишмент. Тоа го отсликува и првиот слоган на весникот, во кој се препознаваше циничната проникливост на Никола Младенов - „Неделник на внатрешниот, а богами и на надворешниот непријател.“

Подоцна Младенов, овој слоган ќе го замени со „Читајте Фокус за нештата да станат појасни“, кој е препознатлив до денес.

За името на овој неделник се врзани два крупни судски случаи со политичари, иако имало периоди кога Фокус и неговите новинари имале и по десетина тужби за клевета во еден момент - периодот од 2011 до 2014.

Најпознатиот е случајот наречен „Швајцарски сметки“. Во 2005 година, неделникот во неколку изданија објави текстови во кои тврдеше дека тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, и во тој момент веќе поранешниот премиер и познат банкар Хари Костов поседуваат тајни банкарски сметки во Швајцарија.

Црвенковски и Костов го добија Фокус на суд и сопственикот Никола Младенов мораше да им плати 30.000, односно 20.000 евра на име отштета за клевета.

Младенов, во критичниот текст, се повикува на анонимни извори, меѓутоа многу подоцна Љубчо Георгиевски на својот фејсбук-профил обелодени дека тој бил изворот на Младенов.

Слична беше судбината на неделникот и во судскиот случај што против Фокус, во 2013 година го покрена тогашниот директор на тајната полиција, Сашо Мијалков. Шефот на тајната полиција тужеше поради изјавите пренесени од тогашниот штотуку разрешен амбасадор во Чешка, Игор Илиевски. Новинарот и уредникот на Фокус го изгубија спорот и требаше да платат 10.000 евра казна за изречена клевета, која во најголемиот дел беше покриена преку донации по иницијатива на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Во периодот од 2011 до 2013, Никола Младенов, покрај неделникот, отвори и дневен весник едноставно наречен Дневен Фокус.

На 26 март 2013, доцна вечерта, сопственикот на Фокус, Никола Младенов загина во сообраќајна несреќа на влезот од Скопје, излетувајќи од автопат со својот автомобил. Несреќата долго беше контроверзна политичка тема околу која се плетеа приказни проткаени со сомнеж за официјалната причина за смртта, сè додека неговата сопруга во интервју категорично ги одби сите сомневања, тврдејќи дека станува за сообраќајна несреќа.

Тоа, меѓу другото, се должи, и на фактот што Младенов во минатото бил предмет на закани и напади. Во 1998 година е претепан од непознати лица, а полицијата никогаш не го расчисти случајот.

По неговата смрт, една од најпрестижните новинарски награди во државава, онаа за истражувачко новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) го носи името на Никола Младенов.

Неделникот и дневниот весник престанаа да излегуваат веднаш по смртта на Младенов, а се затвори и фирмата што ги издаваше. Фокус како неделник се врати во печат во јуни 2013, а како издавач се јавува нова фирма - Медиа Плус Фокус.

Доминантен сопственик на фирмата што денес го издава неделникот е сестрата на Младенов, Билјана Трошановска, со 60 проценти, додека долгогодишната уредничка Јадранка Костова има 40 отсто од компанијата. Во медиумот сè уште работи и сопругата на Младенов, Билјана, која до неговата смрт беше управител на претходната компанија и е сопственичка на брендот Фокус.

Во меѓувреме, редакцијата отвори и веб-сајт, кој објавува дневни информации поврзани со политичките и со општествените актуелности, но преку порталот со претплата може да се пристапи и до електронската верзија од неделникот. На сајтот постои и електронска архива на сите стари броеви на магазинот.

Информативниот портал, за разлика од неделникот, објавува дневни актуелности, лајфстајл содржини и вести од спортот.

Како претставник од Фокус, Билјана Младенова е основач на Асоцијацијата на печатени медиуми, која e eдна од неколкутемина што ја покренаа и ја реализираа иницијативата за субвенции на печатените медиуми.

Фокус од 2018 година добива државни субвенции, кои покриваат половина од трошоците за печатење и за дистрибуција на весникот. За периодот 2018-2021 добил околу 259 илјади евра.